4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЏијан Емин ќе диригира шансони во Будимпешта

Џијан Емин ќе диригира шансони во Будимпешта

Македонскиот диригент Џијан Емин на 2 јули ќе гостува во Будимпешта, Унгарија, во рамките на „Летниот фестивал Будимпешта“. Маестро Емин ќе застане зад пултот со оркестарот „Данубија Оркестра Обуда“, каде под отворено небо ќе прозвучат едни од најпопуларните француски шансони.

Емин доби покана да гостува во унгарската метропола по успешниот концерт на Македонската филхармонија „Париз те сакам“, кој се одржа на 14 февруари, по повод Денот на вљубените во Македонската опера и балет, а на кој беа изведени француски шансони со негови оркестрации.

Како вокалистка и во Будимпешта ќе се претстави познатата унгарска џез-уметница Миртил, којашто ја воодушеви скопската публика на концертот „Париз те сакам“. Sous le ciel de Paris, La Vie en rose, Padam padam, Paroles, Paroles, L’hymne a l’amour, Milord, Ne me quitte pas, Non, je ne regretted Rien…, се само дел од композициите коишто ќе ги слушне и унгарската публика.

Концертот на Џијан Емин во Будимпешта следува по неговиот настап како диригент и оркестратор на десеттото издание на „Види музика, слушни слика, добиј книга“, кое годинава беше посветено на култната група „Пинк Флојд“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП