10 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајбогатите 10 проценти се „виновни“ за две третини од глобалното затоплување

Најбогатите 10 проценти се „виновни“ за две третини од глобалното затоплување

Најбогатите 10 проценти од светската популација се одговорни за две третини од глобалното затоплување од 1990 година, велат научниците во студија објавена во списанието „Nature Climate Change“.

Во споредба со глобалниот просек, најбогатиот еден процент од светската популација придонел 26 пати повеќе за топлотните бранови на овој век, покажа анализата.

Емисиите на најбогатите 10 проценти од населението во Кина и Соединетите Американски Држави, кои заедно носат одговорност за речиси половина од глобалното загадување со јаглерод, доведоа до двојно или тројно зголемување на екстремната топлина, објави „Шпигел“.

Научниците комбинираа економски податоци и климатски симулации за да ги утврдат емисиите на различни групи на приходи низ целиот свет и да го испитаат нивното влијание врз временските екстреми.

Тие, исто така, посочија на финансиските инвестиции, кои, како начинот на живот и личната потрошувачка, влијаат на производството на емисии.

Ефективно оданочување

Карл-Фридрих Шлејснер, еден од водечките автори на студијата, нагласи дека ако политиката за климата не се справи со огромната одговорност на најбогатите членови на општеството, ризикува да пропушти еден од најмоќните лостови за намалување на идните штети.

Сопствениците на капитал би можеле да бидат одговорни за климатските влијанија преку прогресивни даноци што се зголемуваат во согласност со богатството, рече Шлејснер.

Претходните студии покажаа дека оданочувањето на емисиите врз основа на богатството е пофер од генералниот данок на јаглерод, кој има тенденција да ги оптовари оние со пониски приходи.

Минатата година, Бразил, како домаќин на самитот на Г20, повика на данок од два проценти на имот со вредност од повеќе од 1 милијарда долари.

Иако шефовите на држави и влади на земјите од Г20 објавија дека ќе „соработуваат за да обезбедат ефикасно оданочување на многу богатите поединци“, досега не се донесени соодветни мерки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП