10 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија и понатаму надвор од мапата на Google AdSense: Време е за...

Македонија и понатаму надвор од мапата на Google AdSense: Време е за институционален ангажман

Македонија и Албанија се единствените две земји во светот чии официјални јазици сè уште не се поддржани од страна на Google AdSense – најголемата светска платформа за онлајн рекламирање. Ова ограничување има сериозни последици врз развојот на дигиталните медиуми, маркетинг индустријата и можностите за заработка и промоција во дигиталниот простор.

И покрај значајниот напредок на македонските медиуми и зголемената продукција на квалитетна онлајн содржина, веб-порталите не можат да ја монетизираат својата работа преку Google AdSense. Ова не само што го ограничува нивниот развој, туку и директно влијае врз целокупната дигитална економија во државата.

Зошто ова е важно?

Македонските медиуми остануваат без пристап до најстандардизираната и најраспространета платформа за автоматско рекламирање.

Домашните компании и маркетинг агенции немаат можност да креираат кампањи насочени кон македонска публика преку Google Ads со прецизни аналитики и други современи алатки.

Губиме можности за инвестиции, развој и задржување на младите професионалци во дигиталната индустрија.

Владата мора да се вклучи

Ова не е прашање на индивидуален интерес, туку на национален дигитален суверенитет и економски потенцијал. Поддршката на македонскиот јазик во AdSense може да се забрза со институционален ангажман и директна комуникација со Google. Други земји веќе тоа го направиле успешно, а сега е ред на нас.

Апелираме до Владата, Министерството за информатичко општество, Агенцијата за електронски комуникации и сите релевантни институции, да преземат конкретни чекори за иницирање официјално барање до Google со цел да се вклучи македонскиот јазик во листата на поддржани јазици на Google AdSense.

Оваа промена ќе донесе поголема финансиска одржливост за медиумите, полесен и подемократски пристап до дигитално рекламирање за домашните компании, зголемена конкурентност на македонскиот дигитален пазар.

Време е македонскиот јазик да добие заслужено место и во дигиталниот свет.

Б.С.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП