Торби со овошје и зеленчук, фрижидерче со месо и сирење, полн резервоар со гориво. Вака голем дел од Македонците заминуваат на одмор во Грција, а грубите пресметки покажуваат дека на овој начин може да се заштедат и стотина евра.
Засега нема проблеми на граница – цариниците „замижуваат“
Кај јужниот сосед важат регулативите според кои може да се внесува само ограничена количина на храна и пијалаци. Во практика овие правила не се почитуваат.
„Немаме никакви информации дека имало спорен момент досега, но и не би требало патниците да заминуваат од овде со храна во каква било форма зашто е лето и има високи температури. Таквата храна може да се расипе и да биде штетна“ вели Ана Крстевска – Каламадевска, вработена во туристичка агенција.
Според официјалните правила дозволено е внесување на најмногу 40 цигари или 50 грама тутун по човек, еден литар жесток пијалак со 22% алкохол или два литри со под 22%, 12 литри пиво и 4 литри вино, по два килограми храна за бебиња и за миленици и по пет килограми овошје и зеленчук. Храната мора да биде произведена во ЕУ и да биде вакуумирана. Готовнината над 10.000 евра, исто така, треба да се пријави кај цариниците.
Од агенциите велат дека и годинава аранжманите во Грција се најбарани, но и најскапи. Имајќи предвид дека Русите, кои важат за богати туристи, наместо во Турција, годинава летуваат во Грција, нашиот сосед драстично ги покачи цените за престој особено во хотелите.
Годинава цените во Грција повисоки за 10 до 30%
Со оглед на цените таму и не е лоша идејата да се понесе нешто од дома. Годинава има поскапување за 10 до 30 проценти речиси на се. Така, еден леб чини 1 евро, а литар млеко околу 1.5 евра. Поскапи се и цените на плажите и по кафулињата – гиро сендвич е 3 до 3.5 евра, а гиро порција 6 до 8. Кафето чини од 2 до 5 евра во зависност од локацијата каде се служи.
И горивото е значително поевтино во Македонија, па затоа е препорачливо резервоарот да го напоните до врв пред да ја напуштите земјава.
Литар безоловен таму чини од 1.3 до 1.5 евра, а кај нас моменталната цена е 60.5 денари односно нешто под 1 евро.
За да се наполни резервоар со 40 литри на грчка бензинска пумпа се потребни 52 евра, а на македонска нешто под 40 евра. Приближно истиот сооднос важи и за цените на дизелот и плинот. Грубите пресметки покажуваат дека на овој начин може да заштедите од 10 до 20 евра.
За да возите во Грција задолжително ви е потребна меѓународна дозвола и зелен картон. Дозволата ја издава АМСМ и чини 950 денари. Зелениот картон, кој важи една година или до истекот на регистрацијата, чини 3.690 денари за послаби возила и 5.536 денари за посилни.
Ако возилото не е на ваше име, односно сте го позајмиле од некого или, пак, ви е на лизинг, тогаш мора да имате и полномошно, кое чини 600 денари и важи една година.
Освен за гориво треба да се испланираат пари и за патарини и за траект, доколку одите на некој од островите. Патарините во еден правец од Скопје до Гевгелија чинат вкупно 180 денари, а во Грција над 10 евра, во зависност од крајната дестинација. До Халкидики нема патарини.
Цените за траект драстично варираат, во зависност од локацијата, но најчесто се над 10 евра за автомобилот и над 3 евра за секој патник поединечно.
К. Н.