3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПесимизам: сите со надолни корекции за економскиот раст

Песимизам: сите со надолни корекции за економскиот раст

Политичката криза се повеќе удира на економската активност. Сите домашни и интернационални институции ги намалија проекциите за раст – Народната Банка, Светската Банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската Унија. Последиците допрва ќе се почувствуваат, предупредуваат аналитичарите.

НБРМ: раст од 2.5%

Народната Банка ја намали проекцијата за раст за годинава од 3.5% на 2.5%. Оттаму велат дека на Македонија не и е потребно само формирање на политичка влада туку и намалување на неизвесноста што не е исто.

„Ние сме веќе на половина од годината и политичката нестабилност беше присутна во овој период. Во наредниот период очекуваме постепено намалување на нестабилноста, но тоа е се уште неизвесно. Во претходните две години имавме политичка влада, но немавме стабилност. А, нас ни треба политичка стабилност и намалување на неизвесноста. До крајот на годината очекуваме постепено разрешување на кризата, стабилизирање на амбиентот и исцрпување на неповолните ефекти. Потребна ни е политичка стабилност и намалување на неизвесноста за поголем економски раст“ изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

СБ: раст од 2.8%

И Светска Банка изврши надолна, најпесимистичка проекција за Македонија досега. Во последниот извештај предвидува раст од само 2.8% за оваа и од 3.3% за следната година, најмал во регионот.

„Главниот ризик е продолжување на политичката неизвесност која ќе влијае на намалување на довербата на потрошувачите и на инвеститорите и ќе ги одложи неопходните структурни реформи“ стои во извештајот „Побрз раст, повеќе работни места“ кој се однесува на Западен Балкан.

Економистите од Светска Банка го дообјаснуваат извештајот – има повеќе ризици кои ја демнат македонската економија, но најголем е политичката криза.

„Намалувањето на растот е главно последица од намалувањето на инвестициите кои беа погодени од политичката криза. А во однос на двигателите на растот и годинава како и лани главен двигател на растот остана градежништвото, посебно поддржано од јавните инвестиции во патната инфраструктура“, изјави Бојан Шимбов, економист на Светска банка за Македонија.

ЕК: раст од 2.9%

Европската Комисија предвидува раст од 2.9%. Според ЕК,лани во Македонија забавил растот и стигнал до само 2.4% како резултат на долготрајната политичка криза. Токму затоа се умерени и прогнозите за годинава.

„Економската експанзија забави во 2016 година, со оглед на тоа што инвеститорите чекаат крај на политичкиот ќор-сокак… Инвестициите и приватната потрошувачка може да бидат попречено од помалиот прилив на странски директни инвестиции и на приватни трансфери“ се наведува во пролетниот извештај од Брисел.

ММФ: раст од 3.2%

Најоптимистички се проекциите на Меѓународниот монетарен фонд според кои македонската економија ќе се зголеми за 3.2% годинава. Но и тие направија надолна корекција, првичните очекувања беа 3.6%.

Во документот објавен на традиционалното пролетно заседание на ММФ и Светска банка во Вашингтон, се посочува дека растот на македонскиот БДП до 2022 година ќе се движи до 3.8%.

Највисок економски раст во регионов годинава ќе забележи Албанија со 3.7%, а најнизок Бугарија и Хрватска со 2.9%. Србија и Босна и Херцеговина годинава ќе ја завршат со раст на БДП од 3%, Косово 3.5% и Црна Гора со 3.3%.

Експерти и бизнисмени: последици веќе има

Намалените очекувања за економскиот раст воопшто не се изненадување – согласни и експертите и бизнисмените кои велат дека последиците веќе се чувствуваат.

„Генерално е тоа поради политичката криза. Доколку ги погледнеме глобалните случувања и тенденции, генерално се позитивни. Ако ја погледнеме прогнозираната стапка на раст на ЕУ и нашите најголеми трговски партнери, има позитивно движење за следната година и годината после неа, што на некој начин анулира дел од негативните тенденции кои ги имаме во домашната економија. Се е поврзано со политичката криза и начинот на кој како ќе се справиме со истата, а која почна да го зема данокот“, изјави неодамна Борче Треновски, универзитетски професор.

Ако продолжи кризата, бројките дополнително ќе бидат коригирани велат и бизнисмените.

„Политичката криза и понатаму негативно влијае на економијата. Она што се случува во Европа, не дава сигнал дека би можело драматично да влијае врз случувањата во Македонија, така што моите очекувања се дека дополнително тие бројки ќе бидат корегирани до крајот на годината, ако политичката криза продолжи“, изјави неодамна Антони Пешев, Стопанска комора на Македонија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП