22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадежништвото останува столбот на кој се потпира економијата

Градежништвото останува столбот на кој се потпира економијата

Натамошен раст и нови вработувања. Ова се очекувањата на менаџерите на градежните компании за следните три месеци според најновата анкета на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Градежниците се изјасниле дека економската состојба во првиот квартал од 2017-та е подобра во однос на истиот период од 2016-та. Во наредниот период очекуваат продажните цени да се зголемат, a како ограничувачки фактори ги навеле зголемените трошоци за материјали, слабата побарувачка и конкуренцијата.

И податоците за издадените одобренија за градење покажуваат позитивни тенденции за секторот. Во февруари 2017-та биле издадени 363 одобренија за  градење што е за 8.4% повеќе во однос на истиот месец од 2016-та.

Најмногу ќе се гради во полошкиот регион (115 одобренија), па скопскиот (96), југоисточен (43), југозападен (33), источен (28), пелагониски (21), вардарски (17) и на последно место е североисточниот регион (10 одобренија за градење).

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 265 (73%) се наменети за објекти од високоградба, 25 (6.9%) за објекти од нискоградба и 73 (20.1%) за реконструкција.

Вкупната предвидена вредност на сите градежни работи 103 милиони евра што е за 8.5% повеќе во однос на истиот месец лани.

И финансиските извештаи на компаниите покажуваат дека градежниот сектор е во подем. Компаниите од „големата градежна тројка“ минатата година ја завршиле со позитивни резултати, сите оствариле профит иако само скопски Гранит има раст на заработката, Бетон Скопје и Бетон Штип имаат пад на добивката.

Гранит Скопје лани имал раст на профитот од 6%, достигнал 3 милиони и 805 илјади евра. Приходите се зголемиле за 16%, а расходите за 14%, покажува финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

Бетон Скопје 2016-та ја завршил со вкупна заработка од 1 милион и 436 илјади евра што е за 3% помалку од 2015-та кога профитот бил 1 милион и 481 илјада евра.

Бетон Штип имал двојно помала добивка. Во 2016-та профитот изнесувал 380 илјади евра, а во 2015-та 775 илјади.

И производителите на градежни материјали имале добра година.

Цементарницата Усје во 2016-та имала чист профит од 20 милиони и 111 илјади евра, што е за 2% помалку од 2015-та. Вкупните приходи надминале 72 милиони евра, а вкупните расходи 51 милион евра и се на речиси истото ниво како и претходната година, покажува финансискиот извештај.

Мермерен комбинат Прилеп во 2016-та остварил профит од 3 милиони и 471 илјади евра што е за 29% помалку во споредба со 2015-та.

Адинг имал раст на профитот од 8%. Во 2016-та тој достигнал 269 илјади евра, а во 2015-та бил 249 илјади. Според финансискиот извештај лани приходите биле речиси 6 милиони евра, а расходите 5.7 милиони.

Фабрика Карпош имала заработка од речиси 377 илјади евра, раст од 23%.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) лани градежништвото остварило раст од дури 18.5%. Во првиот квартал растот бил 6.9%, во вториот 31.4%, во третиот 10.3%, во четвртиот 28.5% или вкупно за цела година 18.5%.

Секторот беше и главната компонента која изѕида вкупен економски раст од 2.4%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП