3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочнува „Лица без маски“- во компетиција седум претстави за „кафканијанството“ и „орвелизмот“

Почнува „Лица без маски“- во компетиција седум претстави за „кафканијанството“ и „орвелизмот“

Со „Претстава за четири актери, неколку свињи…“ во изведба на независниот театар „Ќендра мултимедија“ од Косово, утре со почеток во 20 часот на сцената на Драмски театар-Скопје, ќе почне 10. Јубилејно издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, кој годинава се одржува под мотото „Остави трага“.

Во официјалната натпреварувачка програма, се селектирани седум претстави кои кореспондираат со начелата и принципите на фестивалот. Претставите од годинешната програма во најголема мера се критика на општествениот миг во кој живееме ние луѓето без разлика на која страна од светот. Претставите од официјалната програма се движат на самата линија на „кафканијанството“ и „орвелизмот“.
Очигледно е тоа со претставата од Косово, како и со „Фармата“ во изведба на италијанскиот театар „Софија Амендолеа“ од Италија. Тука се и гостите од Русија, „32. Физички театар“ од Таганрок , кои годинава доаѓаат по втор пат во Скопје и ќе настапат со „Ноќта на огнот“, бугарската монодрама „Сè на масата“ работена според делата на Чарлс Буковски, а во режија на Ана Батева, дела кои конечно третираат горливи актуелно-општествени теми на едно пошироко, глобално ниво. Среќни сме што годинава во програмата имаме и македонски независни продукции. Тука е и бескрупулозната „Да ми го поздравиш и бациш“, на театарот „Артопија“, „Скршената стомна“ од Интимен театар-Битола, „Прво ќе ме земеш, после ќе ме…“, на Театар „Крик“ од Скопје, истакна селекторот на фестивалот Игор Ивковиќ.

Фестивалот ќе се одржува од 8-12 април, 2017 на сцените во Драмски театар, Дом на АРМ, Театар Комедија и „Мала сцена“ на Драмски театар –Скопје.

Честа да го отвори фестивалот оваа година, во име на пријателите на фестивалот и припадна на актерката и режисерка Снежана Коневска-Руси. И годинава фестивалот ќе додели три награди: Гранд при, Награда за најдобра режија, Награда за најдобро актерско остварување, а за нив ќе одлучува тричленото жири во состав: Дејан Дамјановски, режисер, Трајче Ѓеорѓиев, актер и Тони Димков, новинар и театарски критичар, изјави Миодраг Костиќ, директор на ИТФ „Лица без маски“.

Десетте години на фестивалот покрај официјалната програма, во текот на годината ќе бидат организирани и дополнителни настани, кои ќе го означат успешниот развој.

Една деценија „Лица без маски“, за нас значи многу, затоа што од година во година интересот за учество е се` поголем. „Лица без маски“ станува и бренд на мапата европски и светски фестивали. На македонската публика и нудиме се поквалитетна програма, која кореспондира секога со актуелниот миг, потенцираше Миодраг Костиќ.

Фестивалот и оваа година е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје, а е во реализација на независната продукција „ТЕАТАР 007“ и Конгресен центар „Александар Македонски“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП