16 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветска банка: политиката ја кочи економијата – Македонија со најмал раст во...

Светска банка: политиката ја кочи економијата – Македонија со најмал раст во регионот!

Политичката криза удри на економскиот раст. Светска Банка со најпесимистички проекции за Македонија досега. Предвидува раст од само 2.8% за оваа и од 3.3% за следната година, најмал во регионот.

Градежништвото ја спаси земјата од рецесија

2016-та завршила со раст од 2.4% кој главно се потпирал на градежништвото, а доколку се изземе овој сектор земјата би била дури и на прагот на рецесија.

„Растот значително забави како последица на намалените инвестиции кои беа погодени од политичката криза, а главен двигател на растот беше финалната потрошувачка, поткрепена од подобрувањето на пазарот на трудот и повисоките плати, како и трансфери од јавниот сектор“ се наведува во најновиот извештај „Побрз раст, повеќе работни места“ кој се однесува на Западен Балкан.

Градежништвото растело пред се како резултат на изградбата на трите нови автопати, а од друга страна обемот на индустријата имала пад од 0.2 процентни поени, особено во секторите рударство и вадење камен, прехрана и снабдување со електрична енергија и гас.

Намалена невработеност на сметка на буџетот

Светска Банка наведува дека Македонија успеала да продолжи да креира нови работни места, но 80% од нив се резултат на активните владини мерки кои подразбираат даночни олеснувања, како и во јавниот сектор – пред се здравството и образованието.

„Вработувањата од страна на државата во последните две години значително учествуваа во нето креирањето работни места. Тие од една страна ја намалуваат невработеноста, но од друга, бидејќи за таквите вработувања има ослободувања, влијаат врз неодржливоста на пензискиот и на здравствениот систем и потребна е темелна анализа на одржливоста“ објаснува експертот на Светска Банка, Бојан Шимбов.

Намалената стапка на невработеност е резултат и на намалената вкупна работна сила. Во 2015-та 57.2% од населението било активно односно заведено како вработено или невработено, а во 2016-та процентот се намалил на 56.8, најниска стапка во последните пет години.

Голем проблем останува невработеноста кај младите, која минатата година дури и се зголемила од 47.4 на 48.3% и покрај мерките насочени за нејзино намалување, се наведува во анализата.

Јавниот долг продолжува да расте

Јавниот долг продолжува да расте иако дефицитот бил благо намален, пред се поради нереализираните капитални инвестиции.

„Дефицитот се намали на 2.6%, значително под предвидените 4% со вториот ребаланс на буџетот, во најголем дел поради ниското ниво на извршување на капиталните расходи како резултат на изборниот циклус“ се наведува во извештајот.

Експертите на Светска Банка сметаат дека е потребна фискална консолидација и структурни реформи за намалување на јавниот долг.

„Досегашните реформи имаа ефект за полесно пребродување на финансиската криза, но не успеваат на долг рок. Долгот на Македонија се зголеми, што е загрижувачко, но не толку како во некои други земји во регионот и не е на ниво кое би укажало на некаква криза или проблем во сервисирањето. Сепак, земјата треба да се фокусира на намалување на тековните трошења на сметка на зголемени инвестиции и забавување на растот на задолжувањето“ смета Елен Голдстин, регионален директор на Светска банка за Западен Балкан.

Во анализата се наведува и дека се очекува фискалниот дефицит да остане на стабилно ниво од 3.2% во 2017-та и постепено да се намалува до 2.3% во 2019-та што сепак ќе резултира со јавен долг од над 55% од БДП во 2019-та, од нив 13 процентни поени ќе бидат во форма на гаранции.

Повеќе ризици ја демнат македонската економија

Во Извештајот се наведени повеќе ризици кои ја демнат македонската економија, пред се политичката криза.

„Главниот ризик е продолжување на политичката неизвесност која ќе влијае на намалување на довербата на потрошувачите и на инвеститорите и ќе ги одложи неопходните структурни реформи“ стои во извештајот.

Дополнителни домашни ризици се намалената продуктивност и стареењето на населението.

Како надворешни ризици се наведува пред се забавувањето на растот во Еврозоната.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП