22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖените и бизнисот: работат повеќе, заработуваат помалку

Жените и бизнисот: работат повеќе, заработуваат помалку

zeni

Од 727.985  вработени во Македонија 40% се жени, а 60% се мажи. Жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите. Само една од три фирми е раководена од припадничка на понежниот пол, најголем дел од нив се микро и мали и се од секторите трговија и услуги. Анализите на Евростат покажуваат дека и на ниво на Европската Унија има родова нееднаквост.

727.985  вработени – 40% жени, 60% мажи

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во работен однос се 285.357 жени, односно 39.2% од вкупниот број на вработени.

„Во мерките за вработување коишто ги спроведуваме се внимава најмалку 30% да бидат жени, иако овој процент во зависност од мерката и се надминува. Во периодот од 2007 до 2016 година, кај сите мерки и услуги за вработување имаме апликации од 51.651 жена, а од нив 22.544 се во работен однос. Учеството на жените во мерката самовработување е 35,8%, во мерката самовработување со кредитирање изнесува 33,3% и ова се показатели кои укажуваат дека претприемачкиот дух кај жената е на многу високо ниво“ вели директорката на Центарот за вработување – Скопје, Слободанка Алексовска.

Македонската државна статистика нема податоци за просечната плата според полот односно за разликите во приходите меѓу мажите и жените, но оние кои се бават со оваа проблематика велат дека има големи отстапувања.

„Се уште стереотипите и предрасудите за определба на професија на жените кои се пониско вреднувани, предрасуди дека имотно правните односи не ги добива подеднакво со браќата и ако ги додадеме и жените од руралните средини и од етничките заедници, може да кажеме дека жената е се уште многу дискриминирана“, вели Савка Тодоровска од Националниот совет за родова рамноправност.

Според истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“ во Македонија жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите.

„Од економски аспект, жените се уште не се еднакви со мажите во Македонија. Имаат помала активност на пазарот на труд, имаат повисока невработеност и во просек заработуваат помалку“, вели Благица Петрески, „Finance think“.

Една од три фирми е раководена од жена

Една од три фирми е раководена од жена – во Македонија 70 деловни субјекти,  а 20.000, најголем дел мали и средни и од секторот трговија, се раководени од припаднички на понежниот пол.

„Таа бројка драстично се намалува, бидејќи таа бројка далеку повеќе се намалува зошто тие се во партнерства со сопружници каде мажот одлучува или жената е формално на таа позиција. Компаниите со кои раководат се претежно микро, 73%, мали околу 25% и само 2% се средни“, објаснува Наташа Здравковска, Здружение на бизнис жени.

Дека жените можат да бидат и повеќе од успешни и во бизнисот покажува примерот на Данела Арсовска која раководи со Сојузот на стопански комори кој обединува над 20 илјади компании.

„Треба да се разбијат стереотипите кои постојат за жените да одат напред и да се докажуваат со своите способности, да основаат свои компании и да бидат менаџери и управители… И покрај тоа што жените се храбри и смели на раководните функции не се доволно застапени, пред се поради стереотипите и недоволната свесност во Република Македонија. Потребно е да се изнајдат начини како да се поттикнат и поддржат жените да стапат на раководни функции, и зошто да немаме во блиска иднина жена на највисоките позиции како Премиер или Претседател на Република Македонија“ смета Арсовска.

Женски марш: не сакам тава, сакам права!

8-ми Март беше повод Платформата за родова еднаквост да организира марш под мотото „Не сакам тава, сакам права“, „Не сакам тава сакам плата“. Според организаторите постои уназадување на еднаквоста и правата на жената во Македонија.

„Денешниот марш е глас против она што се случува во нашето општество изминатите 10 години а тоа е назадување во родовата еднаквост и поставување на жената единствено како индикатор за наталитет. За жал тоа се должи на официјалните политики. Ние не можеме да се пофалиме со прогрес, напротив имаме уназадување. Сведоци сме дека ништо не е направено да се подобри системот за жените жртви на насилство и се поголем број жени се економски неактивни и немаат пристап на пазарот за труд“ изјави Санела Шкријељ, Платформа за родова еднаквост.

Родова нееднаквост и во Европската Унија

Анализите на Евростат покажуваат дека на ниво на Европската Унија (ЕУ) жените во просек добиваат околу 20% пониски плати од мажите. Разлика има во сите земји членки. Најмали разлики од 5.5% има во Луксембург и Италија, а најголеми од 27% во Естонија, како и од 22% во Чешка, Австрија и Германија.

Податоците на Евростат покажуваат дека за секое 1 евро што ќе го заработат мажите, нивните колешки за истата работа добиваат по 84 евро центи.

Нееднаквоста меѓу мажите и жените на пазарот на трудот во ЕУ не постои само во висината на платите, туку и во раководните позиции што ги заземаат. Така, во 2015 година само една третина од менаџерите во ЕУ биле жени, иако припадничките на понежниот пол учествуваат со 43% во вкупната работна сила.

Како се слави 8-ми Март низ светот?

Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век, а на неа посебно инсистираше социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 г. под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8-ми март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.

Дури на 28 ноември 1978 од Обединетите нации е предложено 8-ми Март да се слави како интернационален Ден на жената, како ден на достигнувањата на жените, без разлика на националноста, етничките, јазичните, културните, економските и политичките разлики.

Денес, 8 март е државен празник само во малку земји како Русија, Белорусија, Молдавија, Украина, Ерменија, Монголија, Узбекистан, Виетнам, Кина. A Република Македонија е една од ретките земји во кои се празнува Меѓународниот ден на жената, иако овој празник има само симболичен статус и нема политички конотации.

Во Македонија родовата еднаквост е гарантирана со Уставот. Постојат и Закон за еднакви можности меѓу мажите и жените, Стратегија за родова еднаквост, Закон за спречување дискриминација.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП