4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата пред колапс - песимизмот расте!

Економијата пред колапс – песимизмот расте!

kolaps

Економијата е пред колапс! Експертите песимисти, бизнисмените воздржани, надлежните смируваат, граѓаните стравуваат. Сепак, заклучокот е еден – продолжувањето на политичката криза ќе има долгорочни последици, а цехот на крај ќе го платат малите фирми и обичните луѓе.

Економистите песимисти

Од благ до екстремен песимизам – ова се очекувањата на бизнисмените и експертите за македонската економија во блиска иднина. Велат дека таа досега се покажала како жилава и издржлива и покрај две годишната криза, но политичката ситуација се повеќе се компликува што неминовно ќе предизвика сериозни економски последици.

Субвенциите веќе доцнат, а доколку набрзо не се формира Влада ќе почнат да доцнат и платите и пензиите, сметаат дел од  економистите.

„Ако продолжиме вака за два – три месеци нема да имаме ниту плати ниту пензии, се ќе колабира“ вели Биљали.

„Ако ова продолжи и состојбата во економијата ќе може да се драматизира до размери на колапс и на големи социјални бунтови“ вели  универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров.

Стопанството допрва ќе трпи, смета и економистот и поранешен пратеник Зоран Витанов. Според него политичарите итно мора да најдат излез од актуелната ситуација.

„Во последните две години практично никој веќе и не зборува за економијата и затоа импликациите се тука. Колку и да се бори стопанството, како што сега е сериозна состојбата никогаш не била сериозна“ смета Витанов.

Последиците досега беа ограничени поради тоа што Македонија има еден вид диригирана економија, објаснува универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров според кого фирмите се поврзани со државата па засега не ги активираат побарувањата и чекаат разрешница, но тоа не може да трае на долг рок.

„Многу фирми кои што сега имаат одредени договорни односи со државата и не ги презентираат тие побарувања, може да се случи нагло да ги презентираат и да направат да се случи хаос кој што сегашното менаџирање на работите не е веројатен“ вели професор Шукаров.

Бизнисмените воздржани

Бизнисмените, за разлика од економистите, се повоздржани во искажување на своите ставови, барем јавно. За Стопанската Комора (СКМ) политиката директно влијае на економијата, но засега реалниот сектор покажал дека е отпорен на ваквите предизвици.

„Во овие две години воопшто не кревавме паника околу тие работи, си ја гледавме и си ја бркавме работата. Сепак, ако не беше кризата ќе постигневме многу поголеми профити и поголем раст на БДП“ изјави неодамна претседателот на СКМ, Бранко Азески.

Бизнисмените обединети во Сојузот на стопански комори (ССК) подиректни – во вакви услови се замрзнати вработувањата и инвестициите.

„Буквално, не можеме да предвидиме уште колку време ќе може да се опстои под услови како сегашните. Ситуацијата е многу деликатна. Наместо да се концентрираме на тоа да работиме и да го развиваме приватниот сектор кој е генератор на економскиот раст и оној што треба да ги креира политиките, да работи на зголемување на вработувањето. Но, ништо од тоа не е возможно“ изјави неодамна Данела Арсовска, претседател на ССК.

Надлежните смируваат

Економијата е во заложништво на политиката, но мерките што ги презема Владата придонесоа за намалување на последиците, тврди министерот за финансии. Според Кирил Миновски сето тоа било и потврдено од меѓународните финансиски институции.

„За жал македонската економија веќе 2 години е на удар на политичката криза. Но и покрај кризата, економијата успева да испорача задоволителни резултати. Во 2016 година имаме раст на БДП од 2.7%, имаме ниска стапка на инфлација, дефицитот е под 3% што сметаме дека се добри параметри. Сите релевантни финансиски институции сметаат дека реформите што се спроведуваат од аспект на подобрување на деловното опкружување влијаат позитивно врз развојот на приватниот сектор“ изјави министерот за финансии, Миновски.

Граѓаните стравуваат

Граѓаните, пак, сметаат дека економската состојба во 2017-та оди кон полошо. Така се изјасниле 41.8% во анкетата на М – Проспект. 28.6% рекле дека нема промени, а 24.8% имаат позитивна перцепција.

Перцепциите за економската состојба во 2017 година се разликуваат доколку се погледнат резултатите по регионална дистрибуција. Граѓаните од Источниот регион, повеќе од граѓаните од останатите региони, сметаат дека економската состојба се движи во позитивна насока.

Во врска со пензиите, мал дел од граѓаните (14.3%) целосно веруваат дека пензиското осигурување ќе биде во можност да се грижи за идните пензионери како што сега се грижи. Слична е пропорцијата (15.5%) на оние кои воопшто не веруваат во иднината на пензискиот систем. Најголем процент од граѓаните имаат донекаде доверба (34.7%) или донекаде немаат доверба (30%).

Анкетата е спроведена во февруари годинава на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници со методата лице в лице.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП