17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВино: големо производство, мала потрошувачка

Вино: големо производство, мала потрошувачка

vino

Македонија е голем производител, а мал потрошувач на вино. Еден возрасен граѓанин годишно пие само 2.2 литри од овој пијалак, а производството на државно ниво достигнува речиси 120 милиони литри.

Македонија произведува речиси 120 милиони литри вино, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Винарските визби имаат годишно производство од 78.5 милиони наливно и 28 милиони флаширано вино, а индивидуалното односно домашното производство достигнува 13 милиони литри.

Статистичарите пресметале и дека секој полнолетен македонски граѓанин годишно пие само 2.2 литри вино и 0.9 литри ракија.

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека во земјава се пијат по 2.3 литри и 0.57 литри жестоки пијалаци.

Институтот за вино од Калифорнија, пак, тврди дека во земјава се пијат по дури 42 литри вино.

Разликата во податоците се должи на методологијата, ДЗС не ги зема предвид домашното вино и ракија, Институтот за вино и СЗО се повикуваат на анкети.

Во Македонија има 77 регистрирани винарии

Во Македонија има 77 регистрирани винарии. Голем дел од нив веќе работат на создавање нови вински брендови со кои ќе ги освојуваат меѓународните пазари. Договараат заеднички настапи и промоции, а очекуваат и раст на извозот.

И самите признаваат дека за нив поважни се странските од домашниот пазар кој е премногу мал и кој најмногу троши домашно, неиндустриско вино и ракија.

„Извозот е наш императив. Од година во година се зголемува бројот на земји во кои извезуваме… Квалитетот што традиционално го негуваме го обезбедивме и годинава. Тој ни е основа за прилично амбициозни планови за ширење на нашето присуство во различни земји. Прво се настапува со врвните вина, а потоа како се шири понудата, се шири и на другите слоеви на пазарот“ велат во една од поголемите винарски визби.

Според ДЗС вредноста на извозот на вино достигнува речиси 48 милиони евра, а на увозот само 500 илјади.

Европската Унија засега е главната дестинација за македонското вино. Сепак, напорите на производителите се насочени кон освојување и на брзорастечките Кина, Јапонија и Русија, но и на развиените пазари во Соединетите Држави, Австралија и Канада каде потрошувачите многу поголемо внимание посветуваат на квалитетот, а не на цента.

Кортни Шисл вински експерт од Бруклин која пишува за повеќе светски познати медиуми во својот текст за порталот за вино Вајнпер ја вбројува Македонија во групата во седум земји од кои задолжително треба да се проба вино. Според неа најважниот регион во Македонија е Повардарието.

„Оваа земја, која не излегува на море, има многу придобивки од изобилството на сончеви денови, медитерански и континентални влијанија, каменеста почва, со голем број семејства што традиционално прават вино во своите домови. Се одгледуваат и меѓународни сорти, но земјата го има прифатено вранецот како свој заштитен знак. Потенцијалот на грозјето е огромен. Вреди да се пробаат вината од Македонија“ напишала Шисл за винскиот портал Вајнпер Македонија на оваа листа се најде во друштво со Англија, Мароко, Либан, Мексико, Бразил и Уругвај.

Балканот има огромен потенцијал за вино

Во регионот има повеќе од 1.000 винарии кои годишно прават околу два милиони тони вино. По квантитет, но и квалитет Балканскиот е веднаш зад Апенинскиот и Пиринејскиот полуостров. Сепак, околните држави, како и Македонија, ја немаат решено дилемата – масовно или ексклузивно производство. На светските пазари полека почнаа да се пробиваат локалните сортни вина – Малвазија Истријана од Хрватска, Мавруд од Бугарија, Асиртико од Грција, Вранец од Македонија.

Србија може да се пофали со квалитетно вино кое главно доаѓа од централниот дел на земјата и од Војводина, а се произведува најчесто од мали винарии. Како посериозни играчи се издвојуваат винариите „Вршачки виногради“, „Навип“ и „Рубин“.

Грција е колевка на виното во Европа. Според некои истражувања таму овој пијалак се прави веќе шест милениуми, а денес јужниот сосед има над 400 сорти и вариетети на вино.  Заштитен знак на грчкото вино се разните вкрстувања, а најпознати извозници се винариите „Бутарис“ и „Куртакис“.Грција се гордее со просечно годишно производство на околу 350 милиони литри вино што ја става на 15-то место во светски рамки.

Бугарските винари произведуваат речиси двојно помалку на годишно ниво. Главниот купец на бугарското вино уште од советските времиња е Русија, каде се испорачуваат 60 проценти од вкупниот извоз,  а за тамошната индустрија и натаму е голема енигма како да се освојат останатите европски пазари.

Албанија на многу свои подрачја има идеални услови за развој на виноградинарството но засега само делумно ги искористува. Годишното производство на грозје одвај ги задоволува домашните потреби, па логично државата е принудена да го задоволува пазарот со увоз на странско вино.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП