Македонските работници се на европското дно по продуктивноста, покажуваат податоците на европската статистичка агенција Евростат. Речиси исто лошо стои и Бугарија, а најдобри резултати постигнуваат економиите на Луксембург и на Норвешка. Проблемот е повеќеслоен, објаснуваат познавачите според кои токму затоа за подобрување на состојбата мора паралелно да се работи на повеќе фронтови – воведување современи технологии, прилагодување на образовниот систем, зголемување на мотивираноста на кадарот.
Евростат: Македонците најнепродуктивни во Европа
Работниците во Македонија се меѓу најнепродуктивните во Европа. Според официјалните податоци на Евростат еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија.
Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Податоците се однесуваат на 2013-та и во нив ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.
НБРМ: продуктивноста со минимален раст
Податоците на Народната Банка (НБРМ), пак, покажуваат дека продуктивноста во македонската економија има тенденција на минимален раст. Во првиот квартал од 2016-та немало промени, а во вториот и третиот квартал растот бил 0.2 односно 0.1 процент. НБРМ продуктивноста ја пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени луѓе.
Овие податоци се пресликуваат и во извештаите на Министерството за финансии.
„Продуктивноста на трудот е непроменета имајќи предвид дека економската активност и бројот на вработени во економијата бележат скоро идентичен раст“ се наведува во Економскиот извештај за третиот квартал од минатата година.
Застарена технологија – главен проблем
Старата технологија и рачната работа се главната причина за непродуктивноста на македонските работници, велат текстилците според кои мора многу повеќе да се вложува во современи машини и автоматизирано производство.
За да се унапреди технологијата потребни се пари, а компаниите тешко доаѓаат до нив. Бараат државата да воведе субвенции и за текстилната индустрија бидејќи таа ангажирала речиси 50.000 луѓе.
„Поради технологијата која се применува во текстилната бранша доаѓа до разлика меѓу вложениот труд и резултатот, тука е разликата. Мора да се работи на воведување на нови технологии а за тоа ни се потребни пари. Има кредити со релативно ниски камати но роковите за враќање се прекратки. Потребни се сериозни мерки и државна стратегија за секторот“ вели сопственик на конфекција која вработува 150 луѓе во Штип.
Недоволно квалификуван кадар – неприлагоден образовен систем
Друг проблем се и самите квалификации на работниците. Бизнисмените велат дека треба повеќе да се работи на прилагодување на образовниот систем на потребите на пазарот на труд – теоретската настава да биде поткрепена со практична обука.
„Потребна е доквалификација и доедукација на работната сила со цел да биде поконкурентна односно да може да најде вработување, но треба да се работи уште во самиот образовен систем. Активно сме вклучени во изготвувањето на наставните програми во средните стручни училишта за да се произведат кадри кои многу полесно ќе се вклучат во стопанството“ изјавија неодамна во Сојузот на стопански комори.
И економските аналитичари велат дека мора многу повеќе да се работи на прилагодување на образовниот систем.
„Каскаме. Но, мислам дека генерално и сите каскаат и тоа главно заради несоодветноста на образовниот систем. Едноставно нашите образовни системи се фокусирани на квалификации кои се формално образование, притоа заборавајќи ги вештините, кои се она што ќе биде потребно во иднина“, изјави неодамна д-р Никица Мојсоска – Блажевски.
Мали плати и минимални бенефиции
Поголем проблем од обученоста и од технологијата се платите и бенефициите, сметаат синдикалците. Според нив со минимална плата од 10.080 која дури е и пониска во текстилната и кожарската индустрија не може да се очекува мотивираност и продуктивност.
„Квалитетот во однос на Европа е еднаков во физичкиот обем на работа, а економскиот дел и платите се далеку од европските. Дајте еднаш да направиме ако не европски, барем полу европски плати, ние ќе имаме двојно попродуктивни и поажурни работници. Значи имаме висок квалитет и активност во работењето, но за жал платите се 10 пати помали од тоа што е во Европа. Значи, работодавачот двојно ќе добие ако повеќе вложува во работникот, а за жал тоа не се случува во Македонија“ велат во Сојузот на синдикати на Македонија.
Менталитет – остатоци од социјалистичкиот систем
Дел од бизнисмените посочуваат уште друг проблем – менталитетот. Според нив работниците тешко се прилагодувале на новиот капиталистички систем.
„Ние имавме трансформација на нашето стопанството од социјалистичко во капиталистичко и нашите вработени се уште имаат остатоци од тој систем и од тоа време“ вели сопственик на фабрика за производство на делови за земјоделски машини.
К. Н.