18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПремиерна изведба на „Трудна приказна“ од Благица Секулоска

Премиерна изведба на „Трудна приказна“ од Благица Секулоска

treudna-696x465

Театар Комедија денес ја најави својата најнова премиера „Трудна приказна“ од Благица Секулоска, а во режија на Лидија Дедовиќ, која ќе се изведе денес во 20:00 ч.

На прес конференцијата, беа најавени четирите одобрени проекти од министерството за култура за 2017 година и тоа „Сон на летната ноќ“ од В. Шекспир со чија што премиера театарот ќе го одбележи својот прв јубилеј – 5 години постоење на Театар Комедија.

Следниот проект на Театар Комедија е „Човек, ѕвер и крепост“ од Луиџи Пирандело во режија на Ненни Делместре, „Микс Чехов“ од А.П. Чехов а во режија на Теа Беговска и Димче Николовски а својата сезона ќе ја заокружи со претставата „Развратникот“ од Ерих Емануел Шмит во режија на Здравко Митков од Бугарија.

Идејата на текстот „Трудна приказна“ е ревидирање или преиспитување на традицијата, како на онаа која е создадена во оригиналните текстови („Македонска крвава свадба“, „Бегалка“ и „Црнилa“), така и на онаа другата која ја живееле нејзините автори кои имале потреба да артикулираат одреден став кон таа стварност. Од сето ова произлегува „Трудна приказна“. Таа е коментар на ова време и го прикажува континуитетот или дисконтинуитетот на сите претходно споменати нивоа. Низ „Трудна приказна“ ние можеме да ја видиме неверојатната брзина со која се имаат променето цели системи (политички, вредносни, морални, тематски), а воедно можеме да видиме и во кој правец се движи човештвото. – изјави авторот на текстот и драматург на Театар Комедија – Благица Секулоска.

Во претставата учествува тим на млади соработници, сценографијата е на Сергеј Светозарев и Милан Несторов, костимографијата е на Марта Дојчиновска, автор на музиката е Димитар Андоновски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во претставата играат: Јелена Жугиќ, Елизабета Стефановска K.Г., Ева Скендеровска, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски – Тино, Атанас Атанасовски, Жарко Димоски Илија Илиоски, Столе Мицов и Едмонд Сотир

Режисерот, гостин, Лидија Дедовиќ која воедно е и уметнички директор на Зетски Дом во Цетиње, Црна Гора изјави:

Хероини од три позначајни македонски пиеси од 20 век бегаат во комедија сместена во 2032 година. Тие сакаат промени, сакаат да станат мајки. Мажите, нивните херои, одат по нив во новиот жанр за да ги вратат назад. Со театарот поставуваме и се обидуваме да одговориме заедно со публиката на најважните прашања со кои ќе н è однесат кон подобар човек, подобро општество и среќа.

Дали иднината е во криза, дали светот ќе стане клиника за вештачкото во секоја смисла на зборот, па дури и за драмското оплодување? Дали големите промени се во облаците или навистина може да ни се случат?

Ако се можни, промените ќе ни се случат само доколку ги направиме ние самите, а не некој друг, затоа што секогаш другите ни се виновни. Напротив – сите ние сме виновни за тоа што минатото станува подобро од сегашноста. Сите ние имаме обврска да работиме за иднина која нема
да биде голтната од мас-технологијата, лагите и брзиот автоматски живот. Иднината е во природата, работата, мирот, среќата и во раѓањето.

Со прекрасниот тим на уметници и соработници направивме претстава која на духовит но моќен начин ќе ги отвори најважните теми на нашето секојдневие.

Оваа претставата е дел од проектот „Кршење на традицијата“ – проект на соработка на Театар Комедија и Зетски Дом со кој што се преиспитуваат и редефинираат традиционалните вредности на двата народа. Како дел од овој проект е и претставата „Нок“ од Александар Радуновиќ Попај, во режија на Андреј Цветановски, а во продукција на Зетски Дом – Цетиње, како и размена на гостувања на двете претстави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП