15 мај, 2025
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕПланирате одмор во Египет? Внимавајте какви купаќи ќе понесете!

Планирате одмор во Египет? Внимавајте какви купаќи ќе понесете!

Египет е долгогодишен омилен избор за летување меѓу македонските туристи, кои особено го сакаат Црвеното Море. Сепак, сè почестите напади од ајкули врз туристи ги принудија египетските власти да преземат дополнителни мерки за да ја гарантираат безбедноста на посетителите.

Министерството за заштита на животната средина во Египет издаде нови насоки и правила, кои стапија на сила на сите плажи низ земјата, а целта е да се избегнат идни трагедии и да се зголеми безбедноста на туристите.

Како што јавуваат локалните медиуми, меѓу мерките е и забраната за носење костими за капење со сјајни и светкави елементи, кои можат да привлечат морски предатори, особено ајкули.

Дополнително, на сите плажи мора да бидат поставени специјални пловаци кои јасно ќе ја означуваат дозволената длабочина за пливање (до два метри). Исто така, секоја плажа задолжително ќе има спасувачка кула висока најмалку пет метри, со што ќе се обезбеди непречен надзор и брза реакција во случај на опасност.

Министерството апелира до сите туристи да не се капат сами во морето, туку секогаш во групи и под надзор на професионални спасувачи. Дополнително, секој хотел е задолжен да има моторен чамец за брза спасувачка акција доколку е неопходна.

Строго се забранува капење во близина на комерцијални риболовни области, пристаништа и марини, како и во периодот пред изгрејсонце и по зајдисонце. Туристите кои имаат отворени рани или крварат, исто така не смеат да влегуваат во морето поради ризикот да привлечат ајкули.

Министерството ги повикува посетителите да пријават било какви необични активности, особено лица кои хранат риби или фрлаат храна во морето, што може да влијае врз приблекувањето на морските животни.

Овие строги мерки доаѓаат по серија инциденти со напади од ајкули кои предизвикаа сериозни повреди или смрт кај неколку туристи, а последниот случај привлече големо внимание од светските медиуми и ја вознемири туристичката индустрија во Египет.

Македонските туристички агенции веќе ги информираат патниците за новите правила и препораки, со цел да им обезбедат сигурен и пријатен престој. Египет продолжува да биде атрактивна дестинација, но експертите апелираат дека почитувањето на правилата е клучно за да се избегнат евентуални проблеми и несреќи.

Иако новите правила можеби делумно ќе го ограничат комфорот на туристите, сепак, безбедноста останува најважна. Затоа, доколку планирате одмор во Египет ова лето, задолжително информирајте се за сите новини и строго придржувајте се до препораките. Само така вашиот одмор ќе биде вистинско уживање без непријатности.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП