5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМебел: производството намалено, потрошувачката зголемена – можни поскапувања

Мебел: производството намалено, потрошувачката зголемена – можни поскапувања

meb

Лани производството на мебел било незначително намалено, а бројот на вработени во секторот бил благо зголемен. Сепак, побарувачката оди постојано во нагорна линија, но во најголем дел станува збор за парчиња од увоз. Од салоните за мебел не ја исклучуваат можноста за поскапување поради растот на цените на репроматеријалите.

Трговија со мебел – тешко се доаѓа до реални бројки

Во однос на трговијата со мебел Државниот завод за статистика (ДЗС) има различни податоци во различни публикации.

Според анализата „Промет во трговијата на мало 2015-та“ за мебел и покуќнина годишно вкупно се трошат по речиси 17.5 милиони евра или по 31 евро од семејство. За опремување на кујни одат речиси 4 милиони евра, за спални и дневни соби, како и за трпезарии нешто над 10 милиони, а за друго останатите 3.5 милиони. Дополнителни 3.5 милиони евра се трошат на светилки, лустери и столни ламби.

Во однос на 2014-та вкупниот промет на мебел е зголемен 5.5 милиони евра, а на светилки и ламби за 1.6 милиони.

Од друга страна податоците на ДЗС во публикацијата „Просечна потрошувачка на домаќинствата“ за 2015-та покажуваат дека годишно семејствата трошат по 277 евра за поднова со мебел и покуќнина што е за 66 евра повеќе во однос на 2014-та.

Различните бројки се резултат на официјалната и неофицијалната трговија. Помалата сума го зема предвид само прометот на мало во салоните за мебел, а поголемата е добиена со анкета и во неа влегуваат и нарачките преку дивите мајстори.

Дивите мајстори – најголем проблем

Токму нелојалната конкуренција преку дивите мајстори е најголем проблем со кој се соочуваат производителите на мебел. Тие објаснуваат дека гарантираат за квалитетот, плаќаат давачки и придонеси за вработените, даноци за секој продаден производ, а оние кои работат на диво не плаќале ништо.

„Дивите мајстори нудат понизок квалитет и пониски цени и го уриваат пазарот. Мебелот произведен во фабрика не може да се спореди со оној произведен во некоја гаража, но стандардот си го прави своето и многумина се одлучуваат за поевтината варијанта иако често се случува и дивите мајстори да имаат солидни па дури и повисоки цени од масовното производство. Сепак, во јавноста преовладува мислењето дека тие се поевтини па затоа и земаат најголем дел од колачот“ вели менаџер во салон за мебел од Струмица кој што има и сопствени погони за производство.

Конкуренцијата е добра за бизнисот, но само доколку е легална. Проблем не е големиот број на погони за мебел туку уште поголемиот број на диви односно нерегистрирани мајстори.

„Има доста производители и доста салони за мебел во Македонија кои нудат широка палета на производи. Конкуренцијата е голема, но е добра за бизнисот. Ни дава мотив да произведуваме се поквалитетен и поквалитетен мебел, да воведуваме нови технологии за да бидеме поконкурентни на пазар… Цените што ги нудиме се прифатливи во однос на квалитетот што го нудиме“ вели менаџер на салон за мебел од Гостивар кој што има и сопствени погони за производство.

Нема најави за поскапување

Големиот број на компании во овој сектор и нелојалната конкуренција ги натераа производителите да ги намалат цените, иако секоја година плаќаат се поскапо за репроматеријали. Од салоните за мебел се надеваат дека кризата која имаше огромно негативно влијание врз нивниот сектор е зад нив и дека по завршувањето на зимата и стартот на новата сезона на опремување и реновирање на домовите и тие ќе продадат и ќе заработат повеќе.

„Сега за сега немаме информации за ново поскапување на репроматеријалите. Чекаме добавувачите да не известат. Најмногу работиме со увозни програми иако имаме и македонски. Цените се приближно исти за масивното дрво без разлика од каде доаѓа“ вели менаџер на салон за мебел од Гостивар кој што има и сопствени погони за производство.

„Кризата имаше влијание, но мислам дека случувањата одат на подобро и продажбата се зголемува. Претстои период кога се реновира и средува домот па очекуваме раст на побарувачката“ вели менаџер во салон за мебел од Струмица кој што има и сопствени погони за производство.

Статистиката покажува стагнирање на оваа индустриска гранка. Производството било намалено за 2.6% во од јануари до ноември 2016-та во однос на истиот период од 2015-та. Сепак, во истиот споредбен период бројот на вработени во секторот бил зголемен за 4.1%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП