3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМеѓународна награда за литература за „Рогот на љубовта“ од Божин Павловски

Меѓународна награда за литература за „Рогот на љубовта“ од Божин Павловски

bozin-pavlovski333

Во конкуренција за престижната Меѓународна награда за литература Даблин (International Dublin Literary Award) за 2017 година влегоа 147 романи номинирани од национални и градски библиотеки од 38 земји на 18 јазици во светот, а меѓу нив е и романот „Рогот на љубовта“ од Божин Павловски, предложен од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Овој роман беше единствениот којшто одговараше на пропозициите на наградата, односно да биде напишан на македонски јазик и преведен на англиски јазик во точно утврдени термини.

Во Даблин, селекцијата на делата ја прави жири-комисија во состав Ела Вакатама Алфреи, универзитетски професор од Индијана, САД, Кети Дарбшир, критичарка и преведувачка од германски јазик, Капка Касабова, бугарска поетеса и романсиерка што живее во Шкотска, ирскиот писател и професор од Тринити универзитетот во Даблин, Крис Мораш, и писателот, критичар и преведувач Хаума Субирана од Барселона.

Според правилата за наградата се натпреваруваат романи објавени на англиски јазик или преведени од други јазици на англиски јазик, а жирирањето се одвива во два круга.

Наградата се врачува секоја година на 12 јуни во Даблин, Република Ирска. Добитникот на наградата добива 100.000 евра, од кои, за романите преведени на англиски, дел од наградата, односно 25 илјади евра добива преведувачот. Англискиот превод на „Рогот на љубовта“ е на Весна Н. Крстевски. Престижната Меѓународна награда за литература Даблин се доделува од 1996 година, а меѓу досегашните добитници се и нобеловците Орхан Памук и Херта Милер, потоа Мајкл Мек Кормак, Дејвид Малуф, Хавиер Мариас, Тахар Бен Желун, Колим Мек Кан, Џон Мек Грегор, Мишел Уелбек и Хаж Рави.

Романот „Рогот на љубовта“ е втор македонски роман кандидат за оваа престижна награда по романот „Нишан“ од Блаже Миневски, кој влезе во конкуренција за Меѓународната награда за литература Даблин пред четири години.

Во годинашниот список на номинирани романи на официјалната страница на Меѓународната награда за литература Даблин стои дека „Рогот на љубовта“ е преведен од македонски јазик, како еден од 18-те јазици на кои се напишани романите во конкуренција, а е номиниран од Националната и универзитетска библиотека на Македонија.

Романот „Рогот на љубовта“ годинава ќе се натпреварува заедно со новите романи на Марио Варгас Љоса, Маргарет Атвуд, Орхан Памук, Џонатан Франзен, Милан Кундера, Изабел Аљенде, Кејт Аткинсон, Георги Господинов, Една О’Брајан, Џон Ирвинг, Мишел Уелбег, Казуо Ишигуро, Салман Ружди, Џим Шепард, Енрике Вила-Матас, Горан Војновиќ и други.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП