6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурција предупредува дека ќе ја "преплави" ЕУ со мигранти

Турција предупредува дека ќе ја “преплави” ЕУ со мигранти

1712158

Турскиот премиер Бинали Јилдирим ја предупреди Европската унија во четвртокот вечерта дека без помошта од Анкара ќе биде „преплавена“ од бранот имигранти и додаде дека прекинувањето на пристапните преговори ќе ѝ донесе повеќе штети на Унијата отколку на Турција.

„Ние сме еден од факторите коишто ја штитат Европа, доколку бегалците минат, тие ќе ја преплават Европа и ќе ја преземат, а Турција тоа го спречува. Прифаќам дека прекинот на врските ќе нанесе штета на Турција, но тоа на Европа ќе ѝ наштети пет до шест пати повеќе“, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим за турската телевизија.

Пратениците во Европскиот парламент претходно во четвртокот изгласаа резолуција во којашто бараат привремено запирање на пристапните преговори со Турција поради „несразмерниот одговор“ на неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во средата предупреди дека таквата одлука на Европскиот парламент за прекин на пристапните преговори со Турција „нема да вреди ништо“ и повторно ја обвини Европската унија дека застанува на страната на терористичките организации. Ердоган ја обвинува ЕУ дека не ја разбира тежината на состојбата во Турција којашто со тероризмот се соочува на својата територија од Работничката партија на Курдистан (PKK) како и од Исламската држава од Сирија и од Ирак, поради што Анкара навести враќање на смртната казна, што, пак, Брисел жестоко го осуди.

Ердоган притоа најавува дека следната година може да организира референдум за продолжување на преговорите со Европската унија.

Во ЕУ стануваат сé покритични наспроти Турција која отпушти или суспендираше од позициите над 110.000 функционери и службеници, офицери, академици, дипломати, судии, новинари и курдски политичари, под обвинение дека го поддржувале неуспешниот пуч организиран од исламистичкиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД.

Австрија и Луксембург ги предводат повиците за запирање на преговорите со Турција, додека Германија, Франција и повеќето земји од ЕУ засега го поддржуваат нивното продолжување и се плашат дека во прашање ќе се доведе турската соработка во мигрантската криза. Сепак, меѓутоа, истакнуваат дека преговорите ќе бидат прекинати доколку Турција повторно ја воведе смртната казна.

ЕУ во март годинава вети забрзување на пристапните преговори со Турција и воведување безвизен режим во замена за нејзината помош во мигрантската криза, што придонесе за намалување на бројот на имигрантите кои се упатуваат кон западна и северна Европа.

Спогодбата за асоцијација меѓу тогашната Европска заедница и Турција беше потпишана во 1963 година. Апликацијата за членство во Европската унија, Анкара ја поднесе дури во 1987 година. Пристапните преговори за членство пак започнаа дури во 2005 година, а повеќепати беа усложнувани поради несогласувања што доведе до нивно прекинување. Во моментов отворени се 16 од 35-те поглавја од пристапните преговори

Во март 2016 година челниците на земјите членки на ЕУ се согласија да ги интензивираат преговорите со Турција, во замена со согласноста на Анкара да помогне во намалувањето на приливот на имигранти во европските земји преку турската територија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП