Акциите на Apple се намалија за 15% од почетокот на годината, додека Nvidia, Microsoft и Amazon достигнуваат рекордни максимуми. Сè повеќе аналитичари и инвеститори предупредуваат: Apple заостанува во трката со вештачка интелигенција и времето за пресврт истекува.
На листата на проблеми се слабата стратегија на Apple Intelligence, недостатокот на аквизиции, царинските тензии, но и загриженоста дали компанијата може воопшто да воведува иновации со темпото што го очекува пазарот.
Според Ден Ивс, еден од најпознатите технолошки аналитичари на Wall Street, се чини дека „Apple“ стои покрај автопатот и го гледа возот со вештачка интелигенција како се движи со 160 kкилометри на час. Компанијата, вели тој, итно треба да направи сериозен потег со вештачката интелигенција – и тоа не соло.
Ивс смета дека Apple треба да ја купи Perplexity – една од најбрзо растечките AI компании. Цената за такво нешто е околу 30 милијарди долари. „Тоа е ситница во споредба со монетизацијата со вештачка интелигенција што Apple може да ја постигне“, пишува тој во белешка до клиентите.
Дејв Маца од „Roundhill Investments“ вели: „На „Apple“ ѝ е потребна својата приказна за вештачката интелигенција бидејќи тоа е она што пазарот го наградува“. Додека тоа не се случи, вели тој, компанијата ќе биде перцепирана како губитник.
Аналитичарот Брајан Малбери од „Zacks Investment“ предупредува дека „Apple“ сè уште има од 24 до 36 месеци пред да го доживее својот „AOL момент“.
Иако секторот за услуги на Apple учествуваше со речиси 25% од вкупните приходи минатата година, а компанијата има над 80 милијарди долари во готово, инвеститорите не се импресионирани.