11 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКупуваат станови дома, а животот им тече некаде далеку

Купуваат станови дома, а животот им тече некаде далеку

Штом дојде летото, низ македонските селца ќе ги чуете машините — ѕидаат, шмирглаат, тераси се зголемуваат, фасади се преслекуваат. Има нешто иронично во тоа: најчесто ги градат тие што не живеат тука.

Станови се купуваат, куќи се доградуваат, а сопствениците? Распрснати по светот — од Германија до Австралија.

„Мене ми е некое спокојство“, вели Јосиф Тасевски, човек со раце здебелени од малтер, кој цели две децении ја минува работната недела на германски скелиња. „Знам дека еден ден ќе се вратам. А тој стан во Битола… ми е како потврда деа не сум само некој што минува низ туѓи улици“.

Ова чувство, тоа чудно влечење кон местото од каде си потекнал, ги турка илјадници Македонци ширум светот да вложат токму тука. За нив, тоа не е само бизнис-одлука. Емоцијата, длабоко вткаена во фамилијарни приказни и стравот од заборав, тежи многу повеќе од бројките на хартија.

„Сакам родителите да живеат поудобно, а децата да знаат од каде им се корените,“ додава Јосиф. „На крај, сакам и да не нè заборават. Дома“.

Бројките се јасни и прилично впечатливи. Агенциите за недвижности проценуваат дека 30-40 отсто од становите во Охрид, Битола, па и делови од Скопје, завршуваат во рацете на нашата дијаспора.

Парадоксално, многу од тие станови зјаат празни со месеци. Агентката Јована Ангелова од Прилеп раскажува дека неколку пати им продавала станови на луѓе кои никогаш физички не стапнале да ги видат.

„Сè беше преку видео. Само ми велеа: да има сонце, да е блиску до град и да е новоградба. Толку“.

Познавачите на пазарот велат — тоа е одраз на времето во кое живееме. Страв од финансиски кризи, недоверба во банки, потреба од нешто опипливо што, ете, никој не може да ти го земе преку ноќ.

„Тој стан им е како сидро. Место што г чека, па макар и да не спијат во него“, коментираат економистите.

Но, не се сите воодушевени од оваа слика. Архитектите предупредуваат дека така се добиваат „фасадни“ населби, без вистински живот.

„Имаме улици што светат само во август. Тоа не е живеење, тоа е само декор“.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар