Интернет трговијата оди во нагорна линија. Според податоците за 2016-та, 24.8 проценти од Македонците барем еднаш купиле нешто online, во 2015-та процентот бил под 18.
Најчесто online се купува облека и туристички аранжмани
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), се однесуваат на првиот квартал од годинава, на интернет најчесто се купува облека и спортска опрема (54.7% од нарачките), потоа електронска опрема (16.3%), производи за домаќинство (13.1%), хотелско и друго сместување (9.7%), други аранжмани и патувања (7.3%). 8.2% од Македонците online купувале или нарачувале храна и прехранбени производи.
Според ДЗС Македонците најмногу пазарат од продавници надвор од Европа (58.6% од купувачите), потоа од Македонија (40.8%), па од остатокот од Европа (20.7%).
Од друга страна Македонците и продаваат на интернет. 5% од граѓаните понудиле производи и услуги online, во продавница или на аукција преку сервисите како ebay.
Според публикацијата „МакСтат избор“ на ДЗС најголем дел од трансакциите на интернет, 43%, се во вредност од 50 до 99 евра. Потоа следат оние кои се помали од 50 евра, 33%, а 19% се помеѓу 100 и 499 евра. Не се регистрирани трансакции со поголема вредност од 1.000 евра.
Интернет пазарот расте и до 20% секоја година
Растот на интернет пазарот достигнува и до 20% на годишно ниво. Оние кои се вклучени во овој бизнис очекуваат трендот да продолжи.
„Колку што трговците се поспремни да им овозможат на купувачите да купат секаде и во кое било време ќе продолжи и да расте пазарот. Голем број на компании кои што сакаат да растат дури и одат свесно со загуби додека не го освојат пазарот. Едноставно волуменот што го остваруваат им овозможува повластени трошоци и ставки за испорака“ објаснува Александар Тасев, основач на online сервисот tc.mk
Најдобро работат сајтовите за групни попусти кои нудат производи и услуги намалени од 50% до 90%. Анализите што ги прават овие трговци покажуваат дека тие се најпопуларни кај луѓето на возраст од 20 до 35 години, но се почесто и повозрасните се одлучувале да купуваат електронски.
Колку е ризично да се пазари online?
Купувањето преку интернет е и ризично бидејќи производот не го гледате пред себе и не можете да го пробате. Оттука често се случува да се нарача едно, а да се добие сосема друго – поразличено, со поинаква боја, димензија или материјал.
Оние кои редовно купуваат online препорачуваат повеќе да се истражува, да се утврди реномето на продавачот, да се најдат рецензии од купувачи, да се видат слики од тоа како производите им стојат на вистински луѓе, а не само на моделите од продавницата.
Дополнително, голем дел од Македонците се плашат дека на интернет е можно да бидат злоупотребени нивните лични податоци. Ризикот е дури и помал од веројатноста да бидете ограбени на улица – објаснуваат упатените.
„Безбедноста на податоците на корисникот е гарантирана. Системот на електронската продавница функционира на тој начин што ниту еден податок не се зачувува, бидејќи страната каде се внесуваат податоците е директна страна на банката…Секоја продавница мора да има регистрирано фирма за да може да направи договор со банката за воспоставување на вирутелен пост терминал преку кој се врши наплатата“ објаснува менаџер за продажба во продавница за групни попусти.
Мора да се внимава и при изборот на поштенските услуги
Се случуваат и проблеми од типот пратката да доцни или пак да стигне на погрешна адреса. Дополнителен проблем за купувачите е и тоа што за стоки со вредност до 22 евра не плаќаат царини и данок, но ако се надмине оваа сума имаат дополнителни давачки, па за да ја надминат оваа пречка прават повеќе помали нарачки една по друга.
Ако на евтините производи се додаде цената на поштенските услуги преку брза авионска пошта тие на крајот можат да чинат и до 30 пати повеќе. Поради тоа купувачите најчесто се одлучуваат за обична копнена пошта, пат кој чини по евро до две, во некои случаи и бесплатно, но пратките патуваат и до два месеца.
„Најголем дел од пратките од меѓународен поштенски сообраќај пристигнуваат од Кина, но Кина ги испраќа преку други држави и поради тоа има доцнење на пратките. Штом поштенските пратки ќе влезат на територијата на Република Македонија веднаш се доставуваат“ објаснуваат од Македонски Пошти.
К. Н