30 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПостои тенденција на тајност на информациите од државните институции за граѓаните

Постои тенденција на тајност на информациите од државните институции за граѓаните

timco34

Сé уште постои тенденција на тајност на информации до кои може да дојдат граѓаните во Македонија и покрај напорите на Отворено владино партнерство за ЕУ интеграции и одржлив развој кое веќе пет години се спроведува во Македонија.

Така, граѓаните не можат да знаат колку троши премиерот на хотелски сместувања, ручеци и слично, кога оди на патувања, затоа што според прес-службата на Владата таква информација не можат да дадат затоа што е класифицирана, а како што појасни заменик –министерот за информатичко општество и јавна администрација, Тимчо Муцунски, тие се воделе од позитивните законски норми.

„Тоа е прашање кое сте го поставиле на прес-службата на Владата, претпоставувам, и верувам дека одговорот е даден во согласност со позитивните законски норми во нашата земја. Јас не би отишол во толкување зошто постојат такви позитивни норми, но верувам дека во овој специфичен случај се извлечени од споредбено правни искуства. Како што јас знам, тоа е пракса во многу земји ширум светот“, рече Муцунски.

„Забележан е одреден напредок во активностите на отворено владино партнерсто, меѓутоа се уште има многу да се работи. Во таа смисла секако има предизвици и согласност дека има предизвици и од страна на владата и од страна на граѓанското општество. Исто така, одредени наоди на процесот зборуваат дека се уште постои тенденција за тајност на информации и во таа смисла и граѓанското општество се залага за поголема транспарентност и пристап до информации на граѓаните во рамките на отвореното владино партнерство“, вели Луиза Винтон, постојаната координаторка на Обединетите нации и постојана претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации во Скопје.

За нетранспарентноста на институциите во однос на трошоците на високите функционери, Винтон вели дека ова е одлука што секоја држава си ја носи посебно, но генерално нивниот став е колку поотворена влада и институции, толку подобро.

Поголема транспареност на податоците, еден од приоритетите на иницијативата, може да се обезбеди со политичка волја од властите, но и барање од граѓаните за остварување на
Правата, беше една од пораките изнесени на денешниот форум „Пет години Отворено владино партнерство: за ЕУ интеграции, одржлив развој и луѓето?“, во органзиација на Центарот за истражување и креирање политики.

За спроведувањето на приоритетите од иницијативата, чиј координатор е Министерството за информатичко општество и администрација, веќе е подготвен третиот Акциски план.

Дел од 495­те вклучени претставници во подготовката беа и 53 невладини организации со кои заедно се испланирани 100 достигнувања и 34 заложби во осум приоритетни области.

Марија Ристовска, извршен директор на Центарот за истражување и креирање политики, потенцира дека станува збор за прва иницијатива со толкав обем во која соработуваат партнерски Владата и граѓанското општество за реформи во областа добро владеење, а оваа година заедно со Канцеларијата на УНДП успеале националниот акциски план за отворено владино партнерство да го усогласат со целите за одржлив развој кој што е уште една глобална агенда пред која е исправена Република Македонија, а има цел да ги подобри квалитетот на живот на граѓаните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП