22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГЛОБСЕК: Излегувањето на Велика Британија од ЕУ – полесниот или потешкиот начин...

ГЛОБСЕК: Излегувањето на Велика Британија од ЕУ – полесниот или потешкиот начин надвор

globsec3

Четири месеци по референдумот за членството на Велика Британија во Европската унија (ЕУ) и одлуката на британскиот народ да го напушти европското семејство – се уште не е познато на кој начин Лондон ќе го изведе „разводот“ од Брисел и какви ќе бидат последиците и за двете страни. Прашањето за тоа што ќе се случи по Брегзит беше една од главните теми на кои коментираа многубројни политички експерти, политичари, новинари и граѓански активисти викендов на меѓународниот ГЛОБСЕК безбедносен форум го Братислава.

Од Братислава, Бојан Стојковски

Експертите во дискусиите кои ги следеше Макфакс излегоа со доста поделени мислење околу тоа како ќе се реализира процесот, но со заеднички став дека никој се уште не знае што точно ќе се случува, дали Британија ќе сака од ЕУ да излезе на „полесниот“ пат, односно во временски период до две години, или пак тоа ќе го направи по „потешкиот“ пат, што значи процес во времетраење до 10 години.

„Останува прашањето како ќе биде решено излегувањето на Велика Британија од ЕУ – дали тоа ќе го направиме на тешкиот начин што значи дека целиот процес ќе трае 10 години, со што акцентот ќе биде ставен на британската економија, да им се овозможи на британските компании да се преселат во ЕУ, да се отворат нови можности и да се воведе строга регулатива кон Унијата. Сметам дека токму тие што го заговараа Брегизт и самите ќе пропаднат, односно преку забрзувањето на процесот, тој нема да успее. Не ми е јасно како британската премиерка сака да активира членот 50 во март 2017-та година, без тоа да пропадне. Веднаш штом се активира тој член, компаниите ќе започнат да се селат во Унијата“, беше еден од коментарите на експертите кои говореа на оваа тема.

Експертите додаваат дека процедурата е загрижувачка бидејќи тоа претставува нешто што досега не е видено односно нема поставени правила, нема искуство или начин на однесување. „Веќе постои некаков замор од Брегзит. За различните договори ќе има различни процедури, која институција ќе прави што, и сето тоа на некој начин заморува“, сметаат дел од експертите.

Од големо значење ќе биде и улогата на Германија во целиот овој процес, бидејќи како лидер на Унијата, сега останува на неа да го зачува единството на Унијата. „Можеби Меркел сакаше полесен Брегзит, но тоа беше случај на почетокот, додека сега таа на прво место го става заедништвото на останатите 27 земји членки. ЕУ ќе биде обединета по прашањето и затоа во моментов „потешкиот“ Брегзит е доста реална опција за германската страна“, коментира еден од учесниците во дискусијата.

Експертите исто така се осврнаа и на поврзаноста помеѓу членството на Британија во ЕУ со она во НАТО, говорејќи дека се работи за различни процеси кои никако не можат да се поврзат еден со друг, бидејќи Обединетото Кралство ќе остане доследно на договорот што го има со Алијансата.

„Членството на Велика Британија во НАТО е нешто друго, овие процеси се различни и не можат да се поврзат. Можеби не толку целосно различно, но Британија останува посветена на НАТО и тоа нема врска со она што се случува со ЕУ. Британија долго време на меѓународната сцена се однесува поинаку во однос на официјалната надворешна политика на ЕУ, на пример таа е доста поблиска со Канада и Австралија отколку со Унијата. Соработката во разузнавачката сфера исто така, тие споделуваат информации со нив отколку со земјите од Унијата. Она што ќе се направи сега со Брегзит е редефинирање на улогата на учеството на Велика Британија во европската политика“, заклучува еден од надворешнополитичките експерти кои учествуваа во оваа дебата.

Безбедносниот форум ГЛОБСЕК, кој заврши во неделата, викендов се занимаваше со најжешките безбедносни прашања на денешницата, како мигрантската криза, справувањето со тероризмот од ултрарадикалите групации како Исламската држава и моменталната безбедноста ситуација во Европа. На дискусиите во главниот град на Словачка присуствуваа повеќе министри од земјите членки од Унијата, како и високи претставници од банкарскиот, ИТ секторот и енергетскиот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП