Вториот по големина кредитор во Америка по обем на средствата – „Bank of America“, забележа раст на профитот во третиот квартал од 7,3%. Растот е повисок од прогнозираниот од аналитичарите и се должи на добрите приходи од тргувањето со инструменти со фиксен принос и пониските трошоци.
Нето добивката на „Bank of America“ достигна 4,96 милијарди долари, или 41 центи по акција, во споредба со 4,62 милијарди долари од пред една година. Приспособениот профит по акција, во кој се исклучени сметководствените ефекти, изнесува 42 центи за акција, што е доста над прогнозите на аналитичарите анкетирани од „Bloomberg“ за 33 центи по акција.
Приходите на банката остварија раст од 3,1% до 21,6 милијарди долари, а трошоците бележат пад од 3,3% до 13,5 милијарди долари. Приходите само од трговија со инструменти со фиксен принос расте со 39% до 2,77 милијарди долари, што е значително над прогнозите на аналитичарите за 2,2 милијарди долари. За сметка на тоа приходите од тргувањето со акции се намалуваат за 17 отсто до 960 милиони долари и остануваат под очекуваните 1,2 милијарди долари.
На овој начин „Bank of America“ го продолжи трендот меѓу големите американски банки на известување на подобри финансиски резултати за третиот квартал. Во минатата недела со посилни од очекуваните резултати изненадија и од „JPMorgan“ и „Citigroup“.
„Постигнавме силен раст во овој квартал, останувајќи верни на својата стратегија за одговорен раст и фокус врз квалитетот на врските со нашите клиенти“, рече извршниот директор Мојнихан по објавувањето на резултатите.
Акциите на „Bank of America“ поскапеа за 1,5% до 16,24 долари за акција во раната трговија, откако беа објавени резултатите. До петокот сепак акциите на доверителот беа поевтини за 4,9% од почетокот на годината.