5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМерки за вработување – многу пари, малку ефекти

Мерки за вработување – многу пари, малку ефекти

rabota

За годинава за спроведување на активните мерки за вработување се предвидени 11.3 милиони евра или 0.2% од Бруто домашниот – производ. Во последните 10 години се одвоени над 60 милиони евра. Во оваа сума не влегуваат ослободувањата за придонеси преку „Македонија вработува“. Економските аналитичари со поделени мислења за ефектите.

Експертите со поделени мислења

Економските аналитичари имаат поделени мислења околу ефектите од активните мерки за вработување.

За универзитетскиот професор Томе Неновски тие се и повеќе од позитивни.

„Проектите Македонија вработува 1 и Македонија вработува 2 и сите други бенефиции кои што ги овозможува Агенцијата за вработување допринесоа за зголемување на бројот на новоотворени работни места што може да се види од сите покажатели. Поточно според последните бројки околу 720 илјади активно се вработени што ако се спореди со бројката на вработени од пред десетина година разликата е околу 160 илјади. Значи се работи за лица на вработени на новоотворени работни места тоа по автоматизам покажува дека се намалува бројот на невработени лица којшто изнесува околу 228 илјади или околу 24 отсто од активното работоспособно население“ вели професор Неновски.

Со ова не се согласува универзитетската професорка Маја Геровска –Митев. Според неа активните политики не се решение за проблемот на структурната невработеност.

„Субвенционираното вработување, само по себе, не може да ги подобри квалификациите на невработените, ниту да гарантира дека работникот ќе остане на пазарот на трудот по истекот на условите за субвенционираното вработување. Исто така, другата причина е што нема понуда за активирање на долгорочно невработените, односно на оние кои немаат образование или имаат низок образовен степен. Недозволиво е во услови на висока стапка на долгорочна невработеност оваа категорија лица да нема соодветна понуда на поддршка за вработување“, изјави неодамна професорката Геровска – Митев.

Речиси на иста линија се и меѓународните финансиски аналитичари.

„Политичарите не разбираат дека треба да постои строга граница и строга поделба меѓу власта и економијата. Субвенциите за вработување се грешка. Субвенциите доаѓаат од некаде, од некакви даноци и тие треба да се лимитирани. Граѓаните се способни да носат подобри одлуки отколку политичарите“ вели финансискиот советник Мајкл Вилијамс.

Мерките имаат позитивно влијание, но не може да се прецизира точниот ефект поради ограниченоста на податоците што ги соопштуваат државните институции. Ова е заклучокот на Институтот Finance think по направената анализа.

„Несомнено дека еден дел од намалувањето на стапката на невработеност се должи на активните мерки и политики за вработување… Директното отворање на работни места, зголемените можности за вработување и трансформацијата на неформалните во формални работни места се каналите преку кои мерките влијаат на пазарот на труд“ се наведува во анализата на Finance think.

МФ: историски најниска невработеност

Надлежните тврдат дека мерките имаат ефект – тоа го потврдувале и статистичките податоци кои укажуваат на намалена невработеност, но и на зголемена вработеност.

„Креирањето нови работни места претставува глобален предизвик, позитивните ефекти од креирањето нови работни места се познати на сите, а доколку се следат историските податоци ќе видиме дека во 2006 сме имале највисока стапка на невработеност која се движела над 37 отсто, а денес имаме 24 отсто. Стапката на намалување на невработеноста не се должи на механички одлив на население или миграција, туку тој податок на вработеноста, ако се следи таа бројка ќе видиме дека се зголемила на 160 илјади лица во последните 10 години“ изјави неодамна министерот за финансии, Кирил Миновски.

Што се активни мерки за вработување?

Активните мерки се поделени во четири категории:  директно отворање на работни места преку само вработување; субвенционирање на вработување на млади, на луѓе под социјален ризик и на тешко вработливи; обуки; вработување во владини институции на посебни категории невработени.

За годинава за спроведување на активните мерки се предвидени 11.3 милиони евра или 0.2% од Бруто домашниот –производ. Планот на Агенцијата за вработување (АВРМ) и на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) е креирање на 1.470 работни места со овие средства.

Сумата за буџетска поддршка за нови работни места од година в година расте. Деталната анализа на податоците добиени преку анализа на буџетот на Агенцијата за вработување, покажува дека во последните десет години за програми за вработување се потрошиле над 60 милиони евра.

Во оваа сума не влегуваат дополнителните средства што треба да се одвојат преку проектот „Македонија вработува 2“ кој предвидува компаниите да бидат ослободени од плаќање придонеси во период од 3 до 6 години во зависност од категоријата на ново ангажираните кадри.

За да се искористат мерките кои вклучуваат и грантови за отворање сопствен бизнис барателите мора да бидат регистрирани невработени во АВРМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП