18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВо Сан Себастијан се одржува 64-от Меѓународен филмски фестивал

Во Сан Себастијан се одржува 64-от Меѓународен филмски фестивал

баскиа

Во шпанскиот град Сан Себастијан, во покраината Баскија, во петокот вечерта беше отворено 64-то издание на Меѓународниот филмски фестивал, кој се смета за најзначајната ваква смотра во шпанското говорно подрачје и четвртиот по значајност во Европа, по фестивалите во Кан, Берлин и Венеција.

Меѓу ѕвездите кои годинава ќе се појават во Сан Себастијан се Моника Белучи, Ричард Гир, Хју Грант, Изабел Ипер, Џозеф Гордон-Левит, Џенифер Конели и многу други.

Наградата „Доностија“, почесното признание за придонес во филмската уметност, годинава ќе ја добијат актерите Итан Хоук и Сигурни Вивер.

Итан Хоук на фестивалот ќе го претстави својот филм „Величествената седумка“ (The Magnificent Seven) на режисерот Антоан Фуку, во кој ја игра една од главните улоги. Филмот ќе биде прикажан надвор од програмата за награди. Исто така, надвор од главната програма ќе биде прикажан и филмот на шпанскиот режисер Хуан Антонио Бајон, „Гласовите на чудовиште“ (A Monster Calls) ,во кој игра Сигурни Вивер.

За главната награда на фестивалот „Златната школка“, во конкуренција се 17 филмови. Меѓу нив, се француската драма на Емануел Берко „Ќерката на Брест“(La fille de Brest/150 Milligrams), кој се базира на романот „Mediator 150 mg’ на лекарката Ирен Фрашон, којашто ја воспостави поврзаноста на земањето на одобрениот препарат „Mediator“ и смртните случаи на пациенти. Со филмот ќе биде отворена натпреварувачката програма, а на фестивалот во Сан Себастијан ќе се одржи неговата европска премиера.

Критиката им посветува внимание и на филмовите „Американска пасторала“ (American Pastoral) на Јуан Мекгрегор, на „Човекот од илјада лица“ на шпанскиот режисер Алберто Родригез, на филмот на аргентинскиот режисер Емилијано Торес „Зима“ во аргентинско-француска копродукција, потоа на драмата „Гнев“(Ikari/Rage) на јапонскиот режисер Ли Сан Ил, на филмот „Ноктурно“, француско-германско-белгиска копродукција во режија на францускиот режисер Бертран Ботело.

Меѓу филмовите кои ќе бидат прикажани надвор од натпреварувачка програма се и „Сноуден“ на Оливер Стоун кој зборува за одметнатиот американски разузнавачки аналитичар Едвард Сноуден кој во медиумите го разобличи големото прислушување на милиони луѓе во светот и „Одисеја“, сторија за славниот истражувач на светскиот океан Жан-Ив Кусто на режисерот Жером Сали, со кој воедно и ќе биде затворен фестивалот во Сан Себастијан.

Фестивалот, кој ќе трае до 24-ти септември, првпат се одржал на 21-ви септември 1953 година. Највисокото признание „Златната школка“ се доделува за најдобар филм, а „Сребрената школка“ им се доделува на лауреатите за најдобар актер, најдобра актерка, најдобар режисер. Исто така, секоја година во текот на изминатите 64 изданија се доделува и наградата „Доностија“, за придонес во кинематографијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП