12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтатистика наспроти реалност – дали се живее подобро од лани?

Статистика наспроти реалност – дали се живее подобро од лани?

trosoci zivot 000

Статистиката покажува дека трошоците на живот се намалиле за 0.3% за една година, а просечните плати се зголемиле за 0.7%. Дали во реалност се чувствува тоа и дали се живее подобро?

ДЗС: трошоците на живот намалени

trosoci zivot 004

Трошоците на живот се намалиле за 0.3% за една година. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во август годинава во споредба со август лани најмногу поевтинил транспортот, за 3.7%, а најмногу поскапеле алкохолот и цигарите, за 4.8%.

Поевтинување има и кај храната и пијалаците за 1.1%, комуналиите за 0.2%, трошоците за здравје за 1.2%, и останатите стоки и услуги за 0.8%.
Поскапување има и кај облеката и обувките за 1.7%, мебелот и покуќнината за 2.3%, комуникациите за 1.6%, трошоците за рекреација и култура за 1.3%, за образование за 0.4%.

Кога се ќе се собере вкупните трошоци на живот се помали за 0.3%, тврдат статистичарите.

ССМ: синдикалната кошница зголемена

trosoci zivot 001

Анализите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, покажуваат дека живеачката поскапела за една година. Најновите податоци за потрошувачката кошница што тие ја пресметуваат се од февруари 2016-та. Во однос на февруари 2015-та таа „натежнала“ за 164 денари односно од 32.161 денар се зголемила на 32.325 денари.

Најголем дел од овие пари, 13.428 денари или 41% одат за храна и пијалаци. За трошоци за домување биле потребни 10.464 денари или 32%, за хигиена 2.254 денари или 7%, за превоз 2.340 денари или 7%, за облека и обувки 2.086или 6.5%, за култура останувале 1.070 денари или 3.3%, а за здравство 683 денари или 2.2%.

Според податоците на Државната статистика просечната нето плата во февруари годинава била 21.813 денари, таа покривала само 67.5% од синдикалната потрошувачка кошница.

Раст на просечната плата од 0.7% за една година

trosoci zivot 003

Најновите податоци на ДЗС, пак, покажуваат дека просечната плата има блага тенденција на раст. Се однесуваат на јуни кога таа изнесувала 22.187 денари.
Во однос на јуни лани таа се зголемила за 0.7%, но во однос на мај се намалила за 0.6%.

Најдобро се платени работниците од секторот финансии и осигурување, просечната плата кај нив е 38.880 денари. Следуваат снабдување со електрична енергија и гас со 37.000, информации и комуникации со 36.800 денари. Наслабо платени се работниците во хотелиерството, просек по околу 15.000 денари, па земјоделството и преработувачката индустрија со по 16.000.

Како поединечни професии најдобро платени се програмерите со по 51.445 денари, а најслабо платени се кожарите и чевларите со по 11.571 денар.

70% од работниците под просекот

trosoci zivot 002

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата. Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

Разликите меѓу помалку и повеќе платените треба да се пеглаат и со минималната плата. Таа на 1 јануари порасна за 490 денари со што достигна 10.080 денари. Текстилната и кожарската индустрија, кои се и најмалку платени сектори, ќе мораат да исплаќаат барем по 9.000 денари. За нив усогласувањето е одложено.

Според публикацијата „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2014-та“ што ја изготви ДЗС стапката на сиромаштија во 2012-та била 26.2%, во 2013-та 24.2%, а во 2014-та 22.1%; истата година 457.200 луѓе живееле под прагот на сиромаштија кој изнесувал годишен приход од 72.000 денари за самечки домаќинства и 151.000 денари за просечно четиричлено домаќинство.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП