7 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОбјавен романот „Брдо“ на хрватскиот писател Ивица Пртењача

Објавен романот „Брдо“ на хрватскиот писател Ивица Пртењача

brdo333

Друштвото за издавачка дејност „МАКЕДОНИКА литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Брдо“ на хрватскиот писател Ивица Пртењача, во превод од хрватски јазик на Татјана Ѓорговски.

„Брдо“ е награден со прва награда на анонимниот конкурс на хрватската издавачката куќа V.B.Z, во конкуренција на дури 137 ракописи. Се смета за едно од најдобрите дела објавени во последните две-три години во хрватската литература. Беше финалист и за други книжевни награди во Хрватска и во регионот.

Главниот протагонист, истовремено и наратор во „Брдо“, поранешен маркетиншки менаџер, ги напушта својата граѓанска егзистенција, промоциите, отворањата на изложби, поканите и говорите за да се искачи на брдото кое доминира на некој јадрански остров и оттаму, од напуштена воена караула, цело лето го чува островот од пожари. Таму, во друштво на остарено магаре, го доживува врвот во својот живот. Ги минува трите најважни, најтажни и најсреќни месеци во својот живот.

Префинетиот стилски израз овозможува читателот да ја запознае јунаковата внатрешност, а на брдото, односно во приказната, покрај него се јавуваат современи поклоници кои доаѓаат на духовни подготовки, бајкери, изгубени души на новото време, војници со поствоен синдром, ловци, злостор¬ници: островот ги памети трауматичните 90-ти години од тие простори. Сето тоа е распослано во реалистична но суптилно раскажана приказна, токму онака како што се испишува најубавата поезија. Ова е длабоко вознемирувачки текст, исполнет со емоции…

„Во средиштето на ’Брдо‘ е еден од најважните проблеми на нашата доба: губењето на идентитетот. Но романот не се исцрпува само во тоа, туку на читателот непрекинато му се откриваат нови слоеви. Така ’Брдо‘ може да го читаме и како приказна за современиот светец. Можеби човекот кој чува други луѓе од пожар и наоколу дели леб е навистина св. Фрањо на нашето време? Овој сјаен и комплексен роман ќе ни помогне да го препознаеме.“ (Зоран Фериќ)

„Стилски изграден, поетски вдахновен, тематски актуелен и со симболи прошарен роман со голема моќ и човечност. Навистина, добро е, убаво е тоа ’Брдо‘“ (Јагна Погачник)

Ивица Пртењача е роден во 1969 година во Риека, Хрватска. Од својата петнаесетта година работи разни работи – од градежен работник и магационер до уредник во радио и водител.

Пишува поезија, проза, драмски текстови и колумни.

Објавил десетина книги со поезија проза и добил исто толку книжевни награди. Преведен е на неколку јазици, а оваа му е трета преведена книга на македонски јазик (по романот „Добро е, убаво е“ и стихозбирката „Суровост“). Застапен е во повеќе избори и антологии на хрватската поезија.

Живее и работи во Загреб.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП