Почна трката по индекс. И годинава најголем дел од матурантите својата иднина ја гледаат на општествените факултети и покрај постојаните апели и од надлежните и од бизнисмените дека на пазарот на труд се побарани и поплатени техничките професии.
Економски, правен и педагошки меѓу најбараните
Економски, правен, педагошки, филолошки. Ова се факултетите кои повторно се најинтересни за идните студенти. Традиционално интерес има и за медицина, стоматологија, информатика; но во многу помал обем.
– Со економски полесно и побрзо ќе најдам подобро платена работа
– Татко ми е лекар, па логично е и јас да продолжам во професијата
– Ме привлекуваат компјутерите, а и не сум лош во математика, па се одлучив за програмирање – ова се објаснувањата што ги даваат матурантите кои ги поднесуваат своите документи за упис.
Речиси 25.000 слободни места
На петте државни универзитети има речиси 25.000 слободни места.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има над 5.200 слободни места – 3.335 за редовни студенти во државна квота, 1.008 за квота редовни студенти со кофинасирање и 895 за вонредни студенти.
„Интересот е според очекувањата… Голем е особено на Факултетот за медицински науки, но и на другите факултети како економскиот, бизнис и логистика, електротехничкиот, информатичкиот, па и земјоделскиот“ изјави Кирил Барбареев, Универзитет „Гоце Делчев“.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има над 3.500 слободни места – 2.040 за редовни студенти во државна квота, 790 за квота редовни студенти со кофинансирање и 713 за вонредни студенти.
„Интересот е голем. Ќе ја исполниме квотата, имаме три уписни рокови – сега во август, на почетокот на септември и на крајот на септември“ вели Цветко Андреевски, декан на факултет за туризам и угостителство, при Универзитет „Климент Охридски“.
На Државниот универзитет во Тетово има 4.600 слободни места, од кои 1.335 за редовни студенти во државна квота, 2.600 за квота редовни студенти со кофинансирање и 665 за вонредни студенти.
„Присуството на кандидатите кои се пријавуваат е задоволително. Сметаме дека во наредните денови ќе имаме и повеќе кандидати. Се уште е рано да кажеме за која насока има најголем интерес. Ќе запишуваме и во втор и во трет уписен рок онаму каде што ќе останат места. Мислам дека кандидатите ќе изберат добри студиски програми за професиите што ги сакаат. Имаме 5.000 слободни места“ вели Ибрахим Незири од Државниот универзитет во Тетово.
На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид слободни се 440 места, од кои 220 за редовните студенти во државна квота, 110 за квота редовни студенти со кофинасирање и 110 за вонредни студенти.
На најголемиот и најстариот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје има 10.535 места – 6.606 се за редовни студенти во државна квота, 2.819 за квота редовни студенти со кофинансирање и 1.110 за вонредни студенти.
ФИНКИ нуди стипендии во соработка со бизнис секторот
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) велат дека нивната установа е традиционално на врвот на желбите кај голем дел од матурантите, а и годинава нудат стипендии во соработка со бизнис секторот.
„Како и секоја година имаме обезбедено и стипендии. Годинава имаме околу 60 кои се нудат за новите колеги. Тие се во соработка со компаниите, имаме стипендии од компаниите од енергетскиот сектор, од странските инвеститори кои се присутни во земјава“ вели Миле Станковски, декан на Факултет за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Свети Кирил и Методиј.
К. Н.