19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУништени домови, инфраструктура, посеви! Колку чинеше поплавата?

Уништени домови, инфраструктура, посеви! Колку чинеше поплавата?

p

Најмалку 50 милиони евра. Ова се првичните процени за материјалните штети од катастрофалните поплави што го погодија скопско. Во неа не влегуваат последиците по инфраструктурата, по земјоделството, по бизнисот. Секако, загубата на човечки животи е непроцелива.

Рано е за официјални бројки

За конечната сума засега може само да се шпекулира – официјално не е соопштен ни точниот број на поплавени и оштетени домови, ни точниот број на уништени автомобили и поплавени земјоделски површини. Комисиите се на терен и работат на процени на штетите.

Според првичните информации штети има во најмалку 5.000 куќи, па ако се земе предвид дека просечната штета е 10.000 евра кај секое домаќинство се доаѓа до сума од 50.000 000 евра само кај погодените граѓани. Во оваа сума не влегуваат последиците врз инфраструктурата – пред се обиколницата која има сериозни оштетувања, но и локалните улици, патишта, канализациски, водоводни и електропреносни системи…

„Комисија во владата допрва треба да ги утврди штетите не само во делот на инфраструктурата туку се што однесе целокупната катастрофа. Дури потоа и откако ќе се расчисти теренот би се знаело повеќе детали по што би се одело со целата операција“, велат од Владата.

Тимовите на терен – се прават процените

Во меѓувреме веќе се започнати и попишувањата во куќите – се пребројува мебелот, покуќнината, апаратите за домаќинство; се фотографираат просториите, објектите. 17 тима работат на увид на имоти и куќи, а 5 на возила.

„Предничи оштетување на покуќнина и апарати, но оние објекти кои се изградени порано, на пример во 70-те години има и слегнување. На едно место забележавме буквално разделување на доградбата од првичната градба… Мислам дека слегнувањето на почвата овде ќе донесе и дополнителни слегнувања од оние што сега ги регистрираме“ вели еден од проценителите на штети кој е на терен во Инџиково и прави попис на последиците во домовите.

Во поплавите се оштетени и најмалку 69 автомобили. Толку моторни возила биле фотографирани од страна на полицијата по пријава од граѓани.

Поплавена роба, оштетени магацини

Погодени се и бизнисмените од економската зона „Сингелиќ“. Според нивните првични процени штетите надминуваат 15 милиони евра – имале поплавени хали и магацини, а во нив уништена роба и машини.

„Станува збор за увезена трговска роба, регистрирана во царинските служби во нашата земја, уредно платена според законите. Според нашата проценка целата роба е уништена, бидејќи висината на водата изнесуваше 2 метри и 10 сантиметри, на вкупна површина од 20 хектари. Над 400 компании имаат штети”, вели бизнисменот Нури Сулејмани.

Угинат добиток, уништени посеви

Најпогодените важат и за земјоделски подрачја. Последици има и по засеаните површини и по сточниот фонд. Над 90 угинати овци, дваесетина говеда, дузина свињи, 600 кокошки веќе се уништени во санитарна депонија.

„Верувајте ниту една помош не може да ги санира целокупните штети, посебно во оваа индустриска гранка. Затоа е потребно да се менува свеста и да се осигуруваат посевите. Промени има, но тие засега се минимални“, коментира Ефтим Шаклев претседател на Асоцијација на земјоделци.

Надлежните велат дека ќе има обесштетување и за сточарите и за полјоделците.

„Сите земјоделски површини без разлика дали се евидентирани во нашиот регистар или не ќе бидат обесштетени. Имајќи го искуството со поплавите кои беа во 2015 година,  ние направивме измени на Законот со кој се овозможува да бидат обесштетени сите земјоделски површини. Комисиите за процена се на терен и работат со полн капацитет. Некаде за дваесет дена оваа работа треба да биде завршена. Како што комисиите ќе ги обработуваат податоците тие ќе бидат дадени на Влада и истите ќе бидат исплатени од платежна агенција“ изјави министерот за земјоделство, Михаил Цветков.

Можна е авансна исплата на отштети

Владата најверојатно ќе донесе одлука за авансна исплата на штетите со цел побрзо и полесно санирање на последиците. Разликата меѓу првичната исплата и конечната процена ќе се пегла дополнително односно ќе се изврши дообештетување, велат надлежните.

„Комисиите веќе започнаа да одат на терен. Се заклучи во наредните два дена да се направи план за да се испитаат можностите и да се провери колку средства се потребни за најоштетените, па потоа Министерството за финансии да даде предлог за авансна исплата на средства. Очекуваме да се разработи конкретен предлог и да започне авансната исплата на штетата“, изјави вчера министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Минимален дел од оштетените имоти биле осигурени

Помалку од 5% од становите и куќите се осигурани. Договори за заштита од катастрофи имаат уште помалку – приближно 1 од 700 имоти е осигуран од земјотрес, а 1 од 400 од поплава. Најголем дел од домаќинствата се одлучуваат да го заштитат станот или куќата само откако банките ќе го побараат тоа од нив при одобрување хипотекарни кредити, но навиките полека почнуваат да се менуваат – минатата година осигурувањето на имот имало раст од 9.6%.

Осигурителните компании досега добиле речиси 500 пријави за штети чија висина надминува 300 илјади евра.

Според информацијата од Агенцијата за супервизија (АСО) на осигурувањето во земјава има вкупно 20.428 полиси.

„Заклучно со 30 јуни, 2016 година вкупно се продадени 69.624 договори за осигурување, односно полиси кои во себе вклучуваат ризици од катастрофална природа како земјотрес, поплава, град и мраз со вкупна бруто полисирана премија од 184.886.000 денари“ велат во АСО.

Од „Винер осигурување“ наведуваат дека од викендот имаат зголемена фреквенција на пријавени штети на подрачјето на град Скопје.

„Нашите проценители се постојано на терен. Штетите што се пријавуваат се од сите подрачја на градот, акцентот е на подрачјата кои беа најпогодени, но за жал очекувањата се дека минимален број имоти во најзагрозените подрачја се осигурени имајќи предвид дека процентот на осигурени имоти во Македонија е мошне мал“, истакнуваат од „Винер осигурување“.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП