4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШпекулациите удрија на каматите – разликата на конто на банкарите

Шпекулациите удрија на каматите – разликата на конто на банкарите

li

Благо намалување на депозитите и кредитите, а значително зголемување на приходите и профитите. Ова се основните резултати на деловните банки во првите шест месеци од годинава. Финансиските извештаи покажуваат позитивен тренд за банкарите кој делумно беше поттикнат од мерките на Народната Банка (НБРМ) што беа воведени како одговор на шпекулациите во јавноста за наводна девалвација а кој резултираа и со пораст на каматите.

Комерцијална со профит од 3.3 милиони евра за 6 месеци

Според полугодишниот финансиски извештај објавен на Македонската берза, Комерцијална банка остварила нето приходи од камати од 25.5 милиони евра или 916 илјади евра повеќе од истиот период лани. Заработката од провизии и надоместоци била помала за 363 илјади евра и изнесувала 7 милиони евра. Вкупниот профит достигнал 3 милиони и 366 илјади евра.

Комерцијална очекува позитивните резултати и до крајот на годината –растот на кредитната активност да биде умерен, а кај клиентите кај кои има влошување на финансиската состојба и нередовност во плаќањата да продолжат дополнителните активности за дорезервирање на кредитните изложености.

„И покрај се уште високата неизвесност, се очекува макроекономскиот амбиент во Република Македонија во 2016 година да остане стабилен и насочен кон остварување на побрз економски раст и зголемување на неговата одржливост“ се наведува меѓу другото во коментарот на Билансот на успех кој исто така е објавен на Македонската берза.

НЛБ со профит од 9.3 милиони евра за 6 месеци

Финансискиот извештај на НЛБ Банка покажува приходи од камати од 21.6 милиони евра што во однос првите шест месеци лани е за речиси 2.5 милиони евра повеќе. Приходите од провизии и надоместоци биле зголемени за 219 илјади и достигнале 7.6 милиони евра. Чистата заработка била поголема за милион евра и достигнала 9 милиони и 362 илјади евра.

„Приходите од камати се повисоки за 5.8%, главно поради повисока состојба на кредити од население при пониски каматни стапки како и повисока состојба на благајнички записи. Расходите по камати се пониски за 11.2% како резултат на намалување на каматните стапки на депозитите во текот на 2015 година“се наведува меѓу другото во коментарот на Билансот на успех кој исто така е објавен на Македонската берза.

Шпекулациите – причина за низа мерки кои ги поскапеа парите

Ваквите позитивни резултати за банките се резултат и на мерките што мораше да ги воведе Народната Банка (НБРМ) како одговор на шпекулациите за наводна девалвација. Тие удрија по џебот на граѓаните и придонесоа за благ пораст на каматите, но значително ја зголемија заработката на банкарите.

Пред три месеци почна засилено повлекување на депозитите од банките и претворање на денарите во евра. Тогаш НБРМ директно интервенираше на девизниот пазар, но воведе и низа други мерки – зголемување на стапката на задолжителна резерва за обврски на банките со валутна клаузула од 20% на 50%, доведување на каматната стапка за девизните депозити што деловните банки ги имаат во централната банка од негативната зона до 0% како и зголемување на каматата за благајничките записи од 3.25% на 4%. Сето ова резултираше со запирање на трендот, но и со пораст на каматите. Не се исклучува можноста и за дополнителни мерки.

„Засега економските фундаменти не упатуваат на такво нешто, но секако доколку повторно бидеме на удар на вакви шпекулации НБРМ ги има на располагање сите инструменти и нема да се двоуми да ги употреби… Кредитниот раст е под ефекти на политичката криза и е под основното сценарио но цениме дека ќе достигне 6 до 7 проценти што е солиден резултат“, изјави во интервју за телевизијата Алфа гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Интервенциите на пазарот резултираа со „топење“ на девизните резерви

Интервенциите на девизниот пазар резултираа и со намалување на девизните резерви. Токму во последните три месеца е забележан и најголем месечен пад – во април биле намалени за 32.4 милиони евра, во мај за уште 29.5 милиони евра, а во јуни за 5.6 милиони.

Народната Банка во моментов чува 1 милијарда и 654 милиони евра во хартии од вредност, 240 милиони во валути и депозити, 260 милиони како монетарно злато и 4.74 милиони како специјални права за влечење.

Тренд на намалување на кредитите и депозитите

И покрај солидните резултати на деловните банки и зголемените профити најновите податоци на НБРМ покажуваат дека во јуни вкупните вложувања на граѓаните и на компаниите биле 4 милијарди 813 милиони и 447 илјади евра што е за 12.5 милиони евра помалку во однос на мај. Кај кредитите намалувањето е за дури 84 милиони евра до вкупна сума од 4 милијарди и 547 милиони евра.

Сепак, Народната Банка оценува дека „во услови на турбулентно домашно опкружување, банките ја одржаа својата стабилност и сигурност“.

„Банките добро управуваа со ликвидноста и непречено беа извршени сите барања за исплата на депозитите, пред се благодарение на традиционално високиот обем на ликвидна актива која ја држат, но и на засилениот мониторинг. Ова, заедно со навремените мерки на монетарната политика, придонесе брзо да се стабилизираат перцепциите во јавноста за ризиците во банкарскиот систем“ заклучи минатата недела Комитетот за финансиска стабилност на НБРМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП