„Huawei Technologies“, еден од најголемите производители на телекомуникациска опрема во светот, забележа 40% раст на приходите од продажба во првото полугодие и потврди дека ќе го задржи интензитетот во оваа година, пренесува „Ројтерс“.
Приходите од продажба за првите шест месеци од 2016-та година достигнаа 245,5 милијарди јуани (36,8 милијарди долари), објави компанијата во официјалното соопштение. Нејзината оперативна маргина сепак е намалена до 12% од 18% во претходното полугодие.
„Постигнавме стабилен раст во трите области на нашиот бизнис, благодарение на добро балансираното наше глобално присуство“, коментира главниот финансиски директор Сабрина Менг, мислејќи ги телекомуникациите, потрошувачките уреди и бизнисот, насочен кон услуги на компании.
Претходно во оваа година компанијата си постави за цел да генерира 75 милијарди долари приходи за 2016-та година. Минатата година „Huawei“ забележа 30% раст на приходите во првата половина од годината.
Третиот најголем производител на смартфони во светот по продажба, по „Samsung Electronics“ и „Apple“, се обидува да се натпреварува со двата гиганти не само во Кина, туку и на странски пазари, како Европа и Блискиот Исток.
Резултатите доаѓаат во позадина на забавувањето на побарувачката на производите за мрежи за телекомуникациските оператори, бидејќи се повеќе клиенти користат четвртата генерација безжични мрежи.
А сепак „Huawei“ се обидува да продаде повеќе софтвер и услуги на операторите, кои веќе инсталирале базни станици и друг хардвер. Овие напори изгледа даваат добри резултати, бидејќи приходите на фирмата од овој бизнис продолжуваат да растат, велат аналитичарите. Истовремено „Huawei“ не обезбедува анализа на приходите на одделните сегменти на нивниот бизнис.
Во последните неколку години бизнисот на компанијата со смартфони се развива брзо, додека компанијата се прошири на европски пазари како Италија и Шпанија, како и на Блискиот Исток, Африка и Латинска Америка.
Во првото фискално тромесечје продажбата на смартфони на „Huawei“ порасна за 59% до повеќе од 28 милиони примероци, додека нејзиниот удел за учество на глобално ниво се зголеми до 8,3% од 5,4% една година порано, покажуваат податоците на „Gartner“.