18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСè на половина цена или тотална ликвидација – примамлива понуда или обид...

Сè на половина цена или тотална ликвидација – примамлива понуда или обид за манипулација

pop

„Намалување до 70%“, „Сè на половина цена“, „Плати едно, земи две“, „Финална ликвидација“, „Распродажба“, „Подарок за секој муштерија“. Ова се само дел од понудите во речиси сите дуќани низ земјава, среде лето се промовираат огромни попусти, но колку се тие реални?

Законот за заштита на потрошувачите има утврдено строги правила како треба да се означуваат и промовираат попустите.

„Означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените… треба да бидат реални и вистинити и мора да бидат изразени на еден од следниве начини: со наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена или со наведување на зборовите ‘нова цена’ и ‘стара цена’  или со наведување на процентот на намалување на цената и наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена“стои во членот 12.

Но, законот оди и чекор понатаму – доколку се промовира попуст, тој мора да се однесува на најмалку една петина од сите производи, а старата цена мора да биде реална и да важела 30 дена пред почетокот на распродажбата.

Токму ова е и главното прекршување што го прават дел од трговците – ги пумпаат цените, а потоа пресметуваат попуст кој на крајот може и воопшто да не постои.

Доколку станува збор за распродажба Законот предвидува ваквите производи да бидат одвоени и јасно и на видно место да се истакне натпис дека се работи за распродажба. Доколку трговецот стави на распродажба производи со грешка мора да се истакне натпис со кој ќе се запознае потрошувачот во што се состои грешката, а доколку рокот на употреба е пред истекување мора да биде јасно и видно назначено и тоа.

Законот предвидува и казни за негово прекршување – од 100.000 до 300.000 денари.

Институцијата која е одговорна за спроведување на овој Закон е Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Тие постапуваат по сопствена процена или по пријава од граѓани. Сомнеж за лажен попуст или друг вид на проблем може да се пријави на телефонот 02/3220-547.

Според годишниот извештај на ДПИ, лани биле извршени над 40.000 инспекциски надзори, а од нив 5.000 се однесувале на Законот за заштита на потрошувачите, но нема податоци колку од нив се однесуваат на лажни попусти или промоции.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека и кај нив може да се пријави сомнеж за лажни промоции и попусти, но дека тие само би ја препратиле претставката до Инспекторатот. Оваа за разлика од претходните години не добиле вакви поплаки.

„Минатите години имавме повеќе случаи, најчесто реагираат луѓе кои се почувствувале изманипулирани. Впрочем тие биле во продавницата и пред попустот, го виделе производот по една цена, а во време на попуст им се нуди наводно со високо намалување, а чини речиси исто како и претходно. Сега граѓаните се поинформирани“ велат во ОПМ.

Оттаму објаснуваат и дека муштериите тешко можат самите да утврдат дали станува збор за лажен попуст. Затоа, ако мислат дека е така, инспектор треба да направи увид и да докаже.

„Најдобро за самите трговци, за да не ја изгубат довербата кај потрошувачите е да ја пречкртуваат старата цена, секогаш кога производот го пуштаат на попуст. Ова обично не се прави и тука се раѓа сомнеж кај луѓето. Со пречкртувањето на старата цена и запишување на новата, како и на процентот на намалувањето, што е една од опциите во законот, потрошувачите ќе бидат задоволни и сигурни дека купуваат на попуст“ велат од ОПМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП