18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкриена инфлација - килото не е кило, а литарот не е литар

Скриена инфлација – килото не е кило, а литарот не е литар

neto

Килото не е кило, а литарот не е литар. Наместо да растат цените се намалува тежината. Вака најголем дел од производителите со години го кријат поскапувањето, а најголем дел од потрошувачите и воопшто не се свесни за тоа.

Кило леб одамна стана 600 грама, а последниве години и 450 до 550. Чоколадите најчесто не се 100 туку само 90 па дури и 75 грама, зејтинот не е литар туку 900 па дури и 750 милилитри, шпагетите и макароните, солта и шеќерот наместо 500 најчесто се 350 до 400 грама, паштетите „ослабеа“ за 5 до 15 грама, а и дел од цигарите со години не се по 20 туку по 19 во кутија.

Цените и пакувањата речиси воопшто не се променети, но содржината е намалена.

И бурекот и сендвичите во голем дел се потенки и посиромашни, а ваква состојба има и во порциите во некои од рестораните и кафеаните. Менијата секако остануваат исти.

Сето ова претставува „скриена инфлација“ која по самата дефиницијата е намалување на квалитетот или квантитетот на одреден производ при непроменети цени.

На „скриената инфлација“ неколку пати досега предупредуваа и од Организацијата на потрошувачи (ОПМ).

„Граѓаните мора да бидат навистина внимателни. При пазарење не треба да се гледа само цената и марката туку и тежината и содржината. На пакувањата грамажата треба да се врзе со единицата мерка, за да може да се види дали тоа што се купува е поевтино или поскапо. На пример, ако на кесичката пишува дека содржи 400 грама, треба да се назначи колку чини килограм, за да можат потрошувачите полесно да се снајдат“ велат во ОПМ.

Само дел од маркетите го практикуваат ова, најчесто тоа се „ниско буџетните“ кои нудат и најевтини производи. Кај нив секогаш ја пишува цената на производот, но и цената на 100 грама или еден килограм со што на купувачите им се олеснува споредбата.

Скриената инфлација е практика која производителите и трговците ја применуваат со децении, но стана поактуелна со почетокот на светската економска криза во 2008-та.

„Вистинската“ инфлација во негативна зона

„Скриената“ инфлација е поврзана и со „реалната“ инфлација. Паралелно со „топењето“ на килажата има и благо намалување на цените на производите.

Македонија веќе две и пол години има негативна инфлација односно дефлација – општото ниво на цените се намалува. Ова е резултат пред се на падот на цените на енергенсите на светските берзи што резултира со поевтини горива, а во мал дел и со поевтини крајни производи.

Народната банка (НБРМ) измерила дека во 2011-та инфлацијата била +2.8%, во 2012-та била +4.7%, во 2013-та била +1.4%; во 2014-та влегува во негативната зона, била -0.5%, во 2015-та била -0.3%, во првиот квартал годинава била -0.4%, а во вториот била – 0.7%.

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, во однос на инфлацијата, вчера соопшти дека просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени се задржа во негативната зона, при пониски цени на храната и енергијата.

„Инфлациските остварувања засега не упатуваат на позначителни отстапувања од проектираните, а ризиците околу проекцијата до крајот на годината и понатаму се поврзани со променливоста на очекувањата за промените на светските цени на енергијата и храната“ се наведува во соопштението од НБРМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП