17 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтатистика vs реалност - платите растат, трошоците паѓаат а живеачката потешка?!

Статистика vs реалност – платите растат, трошоците паѓаат а живеачката потешка?!

popo

Статистичарите мерат намалување на цените и на трошоците, а зголемување на платите и на пензиите. Најголем дел од граѓаните, пак, велат дека се потешко се живее – дали бројките реално ја отсликуваат реалноста?

ДЗС: трошоците на живот намалени

Трошоците на живот се намалиле за 0.7% за една година. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во јуни 2016-та во однос на јуни 2015-та најмногу поевтиниле транспортните услуги (-4.9%), потоа храната и пијалаците (-2.3%), комуналните услуги (-0.6%) и останатите стоки и услуги (-0.3%). Во истиот период поскапување имало кај алкохолот и цигарите (+8.4%), рекреација и култура (+2.3%), комуникации (+1.8%), облека (+1.6%), здравствени услуги (+0.7%), образование (+0.4%), мебел (+0.3%) и ресторани и хотели (+0.3). Кога се ќе се собере статистичарите пресметале дека вкупните трошоци на живот се намалиле за 0.7%.

Намалување има и кај цените на мало. Вкупното ниво во јуни 2016-та било пониско за 0.7% во однос на јуни 2015-та. Намалување има кај сите категории освен кај пијалаците кои поскапеле за 0.2%.

ССМ: синдикалната кошница зголемена

Анализите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, покажуваат дека живеачката поскапела за една година. Најновите податоци за потрошувачката кошница што тие ја пресметуваат се од февруари 2016-та. Во однос на февруари 2015-та таа „натежнала“ за 164 денари односно од 32.161 денар се зголемила на 32.325 денари.

Најголем дел од овие пари, 13.428 денари или 41% одат за храна и пијалаци. За трошоци за домување биле потребни 10.464 денари или 32%, за хигиена 2.254 денари или 7%, за превоз 2.340 денари или 7%, за облека и обувки 2.086или 6.5%, за култура останувале 1.070 денари или 3.3%, а за здравство 683 денари или 2.2%.

Просечната плата покрива само 69.5% од синдикалната кошница

Според последните податоци просечната нето плата во април годинава била 22.356 денари, таа покрива само 69.5% од синдикалната потрошувачка кошница. Во април 2016-та во споредба со април 2015-та била поголема 2.8%, а 1.2% од сите вработени не земале плата.

Највисоки плати за работниците во Скопскиот, најниски во Источниот регион

Според најновата публикација „Регионите во Република Македонија“ на ДЗС највисоки плати добиваат работниците од Скопскиот регион, просечните месечни примања во 2015-та изнесувале 26.861 денари. Сите останати се под државниот просек кој бил 21.906 денари.

Најниски примања има Источниот регион, платите се по 16.278 денари. Нешто подобро стојат Североисточниот и Југоисточниот, со примања од по 16.848 односно 16.946 денари. Во Вардарскиот регион просечната нето плата изнесува 17.402 денари, во Југозападниот 19.670, а во Пелагонискиот и Полошкиот 20.222 односно 20.620 денари.

За да пораснат платите мора да се намали невработеноста

Невработеноста е обратно пропорционално врзана за платите, објаснуваат економските аналитичари. Намалувањето на стапката на невработени значи зголемување на примањата на вработените поради пазарните механизми. Влијание имаат и синдикатите кои кај нас се слабо организирани.

„Постојат две главни причини за ваквите состојби. Првата е невработеноста. Платите се последица на понудата и побарувачката на труд. Ако понудата е повисока од побарувачката, платите ќе растат. Кај нас, заради високата невработеност, понудата на труд е висока, што ги прави платите ниски… Платите се последица и на преговарачката моќ на работниците и работодавачите. Ако работниците имаат поголема преговарачка моќ од работодавачите, платите ќе бидат повисоки. Кај нас, заради немањето синдикално организирање и заради ниските работнички права, преговарачката моќ на работниците е ниска, што води до тоа и нивната плата да биде ниска“ вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Стапка на сиромаштија од 22.1%

Статистичарите пресметале дека стапката на сиромаштија во 2012-та била 26.2%, во 2013-та 24.2%, а во 2014-та 22.1%; истата година 457.200 луѓе живееле под прагот на сиромаштија кој изнесувал годишен приход од 72.000 денари за самечки домаќинства и 151.000 денари за просечно четиричлено домаќинство.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП