Кинеската компанија „Cosco“ планира да инвестира дополнителни над 500 милиони евра во пристаништето во Пиреја. Тоа го соопштија од компанијата за време на посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас во Кина.
Од кинеската компанија прецизираа дека имаат контакти со меѓународни бродски компании кои сакаат да го претворат пристаништето во својата база. Плановите за претворање на пристаништето во центар за крстарење ќе чинат 200 милиони евра.
Друг приоритет за кинескиот инвеститор е подобрување на инфраструктурата на првиот терминал за контејнери.
За време на посетата на Кина, грчкиот премиер јасно ја изрази желбата неговата земја да стане „портал“ на Кина за Европа. Заедно со претставниците на власта, тој се состана и со раководители на компании од различни сектори, меѓу кои и на корпорацијата „Wanda“, активна во областа на недвижностите и културата. Компанијата пројави интерес за изградба на киностудија, како и за изградба на туристичка инфраструктура во Грција.
Ципрас покани уште и кинески технолошки компании, меѓу кои „Huawei“ и електронскиот трговец „Alibaba“ да инвестираат во земјата. Тој ја коментира можноста кинеските бродови да бидат поправени во грчките бродоградилишта и додаде дека Атина размислува да стане член на Азиската инвестициска банка.
Кинеските власти беа категорични дека инвестицијата на „Cosco“ е само „главата на змејот“, алудирајќи на кинеска поговорка дека телото треба да ја следи главата на змејот.
Медиумите кај јужниот сосед ја оценуваат посетата на Алексис Ципрас во Кина како многу успешна. Таа сепак за малку ќе започнеше со лош старт, а причина за тоа беше токму договорот со пристанишниот оператор и „Cosco“.
Во Кина грчкиот премиер го коментираше договорот за давање на пристаништето на концесија до 2052-ра година како „определувачка за стратешките односи помеѓу двете земји“. Неколку дена пред посетата на грчката делегација во Пекинг, меѓутоа од компанијата се пожалија дека договорот е еднострано подобрен од страна на фондот за приватизација – „HRADF“.
За да не биде нарушена посетата, Владата итно го поправи документот, а парламентот со големо мнозинство го ратификуваше по втор пат. Тоа веднаш предизвика коментари од страна на опозицијата за хаотичната политика на владата на „СИРИЗА“.