Извозот во мај во споредба со истиот месец лани бил помал за 3.7% – ова е прво намалување на продажбата на производи на странски пазари по подолго време, се случува во екот на политичката криза кога повеќето извозници предупредија дека им се намалуваат нарачките од странство. Во истиот месец имало и пад на увозот од 3.4%.
„Се повеќе странски партнери претежно од земјите на Европската унија и Блискиот Исток откажуваат соработка со македонските компании поради актуелната криза. Поради моментот дека можеби нашите компании нема да можат навремено и редовно да вршат испорака на договорените производи и услуги, затоа и не се одлучуваат да ја посетат земјата и да се финализираат оние договори што биле планирани“, изјави неодамна Билјана Пеева – Ѓуриќ, директор во СКМ.
Дополнителен проблем за компаниите се и постојаните блокади на солунското пристаниште кое е и главната порта за македонскиот извоз и увоз.
Сепак, ако се споредат првите пет месеци од годинава со истиот период лани податоците се поохрабрувачки – извозот расте побргу од увозот, се намалува трговскиот дефицит. Според Државниот завод за статистика (ДЗС) во периодот јануари – мај вредноста на производите и услугите кои завршиле на странските пазари достигнала 1 милијарда и 697 милиони евра (раст од 7.2%), а вкупната вредност на внесените производи и услуги достигнала 2 милијарди и 415 милиони евра (раст од 6.1%). Покриеноста на увозот со износ во првите пет месеци од годинава изнесувала 70.3%, а трговскиот дефицит 717 милиони евра.
Машините – прв извозен производ
Според ДЗС, најголем дел од македонскиот извоз го сочинуваат машините и транспортните уреди (во првите пет месеци во странство биле продадени производи вредни 484 милиони евра). Следат хемиските и сродните производи (432 милиони), разни готови производи (285 милиони), останати производи класифицирани според материјалот (233 милиони), храна и живи животни (120 милиони), сировини (68 милиони), пијалаци и тутун (48 милиони), минерални горива и мазива (15 милиони), животински и растителни масла (8 милиони) и останати стоки (670 илјади евра).
Во периодот јануари – мај најмногу пораснал извозот токму на останати (некласифицирани) стоки и тоа за 174.6%. Зголемување од 37.4% има кај маслата, од 31.8% кај машините, од 20.45 кај хемикалиите, од 15% кај храната и живите животни.
Истовремено намалување на извозот има кај производите класифицирани според материјалот (-24.5%), минерални горива и мазива (-23.3%), сировини (-18.1%).
Најмногу пари се одлеваат за увоз на производи класифицирани според материјалот (во првите пет месеци од годината 891 милион евра), потоа машини и транспортни уреди (523 милиони), хемиски производи (305 милиони) и храна (220 милиони).
Германија – прв извозен партнер
Германија е првиот трговски партнер на Македонија, речиси половина од извозот се пласира таму – од јануари до мај биле пласирани производи со вкупна вредност од скоро 825 милиони евра.
Следат Бугарија со 79 милиони, Србија со 72 милиони, Косово со 69 милиони и Белгија со 65 милиони.
Германија е на прво место и според увозот – од јануари до мај оттаму биле набавени производи со вкупна вредност од 316 милиони евра.
Следат Велика Британија со 280 милиони, Србија со 179 милиони, Грција со 161 милион и Италија со 139 милиони евра.
Скопје е носител на македонскиот извоз
Најголем дел од македонскиот извоз (54.4%) е резултат на активноста на фирмите во Скопје, а најмал (само 0.9%) излегува од Североисточниот регион, покажува публикацијата на ДЗС „Регионите во Република Македонија“.
Ова е последица на концентрацијата на економските активности во главниот град. Според ДЗС учеството во БДП по региони е: Скопски 3.475.040.650 евра (42.6%), Пелагониски 919.186.991 евра (11.3%), Југоисточен 751.398.373 евра (9.2%), Вардарски 670.894.308 евра (8.2%), Источен 657.707.317 евра (8.1%), Југозападен 640.292.682 евра (7.8%), Полошки 613.577.235 евра (7.5%), Североисточен 432.731.707 евра (5.3%). Вкупниот БДП на Македонија изнесувал 8.160.829.263 евра (100%).
К. Н.