17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотрошувачки права – каде, како и кога треба да се пријави проблем?

Потрошувачки права – каде, како и кога треба да се пријави проблем?

afff

Муштеријата е секогаш во право – оваа изрека не е целосно точна во реалноста. Македонците не се доволно информирани, најчесто не знаат кога и каде треба да се обратат доколку купат неисправен и несоодветен производ, велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).

Најчест проблем е непочитувањето на гарантните рокови

Само минатата година до ОПМ стигнале 2.722 поплаки; во најголем дел биле за неквалитетни производи кои се расипале непосредно по купувањето и за непочитување на гарантните рокови (13% од сите претставки).

Во ОПМ објаснуваат и дека се почесто се случува потрошувачите да добијат одговор од сервисот дека производот им е механички оштетен и да им биде прекината гаранцијата, и покрај тоа што во повеќето случаи потрошувачите тврделе дека нема никакво оштетување.

Најчесто проблеми има при сервисирање на мали кујнски производи – блендери, миксери и слично. Според поплаките, и покрај тоа што овие апарати го имаат најкусиот законски утврден рок од 6 месеци, често се расипуваат и во првите 2 месеци, по што следат континуирани сервисирања кои скоро секогаш траат по 30 дена.

„Апелираме до потрошувачите, во вакви случаи да бараат продолжување на гарантниот рок, поради тоа што согласно Законот за заштита на потрошувачите, гарантниот рок на производот се продолжува за онолку време колку што истиот е даден на сервисирање. Потрошувачите секогаш мора да бараат да им биде даден сервисен налог со точни датуми на предавање и примање на производот, што е единствен доказ за извршеното сервисирање“ велат во ОПМ.

Детските играчки и козметичките препарати најнебезбедни производи

Бројот на поплаки за небезбедни производи лани бил намален во однос на претходните години.

„Причината за ова најверојатно лежи во тоа што дел од производите се детектираат и на царинскиот увоз, што значи Царината има огромна улога кога влегуваат производите на нашиот пазар. За тоа придонесуваат и сите други надлежни инспекциски органи, односно контролата која се врши внатре и системот за брзо дојавување“, објаснуваат ОПМ.

Токму Царинската управа само лани спречила пуштање во промет на несоодветни производи во 402 одделни случаи, најголем дел детски играчки и козметички препарати.

„Свеста расте кај потрошувачите за нивните права, но за да се користат безбедни производи неопходна е свесност на сите инстанци, и на потрошувачот како поединен, но и на сите чинители во синџирот на крајната потрошувачка, вклучително и на претставниците од деловната заедница. Кај поголемите трговски компании ова свесност е на повисоко ниво за разлика  од поситните трговци каде треба да се најде механизам да се делува на сегментот за безбедноста на производите“, објаснува државниот секретар во Министерството за економија Анета Димовска.

Кои се телефонските броеви на кои може да се пријави проблем?

Граѓаните може да побараат совет и да се пожалат на одреден производ или услуга секој работен ден од 10.30 до 14.00 часот на телефонскиот број на ОПМ: 02 / 3179 – 592.

Освен организацијата на потрошувачи и повеќе државни органи воведоа директни телефонски линии за пријавување на неправилности.

Расипана или храна со изминат рок се пријавува во Агенцијата за храна на 0800 3 22 22.

Високи телефонски сметки или лоша услуга од телекомуникациските оператори се пријавува во Агенцијата за електронски комуникации на 190.

Неиздавање фискална сметка и слични проблеми се пријавуваат до Државниот пазарен инспекторат на 02 / 3220 – 547.

Македонија ги има имплементирано сите европски директиви во оваа област, пред законот муштеријата најчесто има право, но продавачите, сервисерите и давателите на услуги не секогаш го прифаќаат тоа.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП