29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБРЕГЗИТ: цунамито тргна од Обединетото Кралство кон обединета Европа - ќе стигне...

БРЕГЗИТ: цунамито тргна од Обединетото Кралство кон обединета Европа – ќе стигне ли до Македонија?!

brz

Светските индекси во црвено, фунтата на историски минимум, пад и на еврото… Се заканува домино ефект од Велика Британија преку Европската Унија и до македонската економија. Нашата берза ќе има мали последици бидејќи е мал играч, но потешко ќе оди издавањето на веќе најавената еврообврзница. Народната Банка уверува – денарот останува стабилен и врзан за еврото. Цунамито кое го предизвикува Брегзит ќе ја зафати и Македонија, но засега е неизвесно со каков интензитет.

Светските индекси во црвено, фунтата на историски минимум

Излегувањето на Обединетото Кралство од обединета Европа веќе ги потресе светските берзи. Сите индекси се во црвено – британскиот FTSE утрово падна за 4.85%, германскиот DAX за 6.84%, јапонскиот NIKKEI за 7.92%, хонгконшкиот HANG SENG за 2.95%, американските берзи се уште не се отворени поради временската разлика, но аналитичарите очекуваат слични перформанси.

„Очигледно сите се зашеметени, но мислам и дека некои луѓе гледаат начин да ја искористат ситуацијата и да заработат на неа“ изјави Ендру Суливан, директор за продажба во брокерска куќа во Хонг Конг.

Референдумската одлука имаше уште поголемо влијание на валутите. Фунтата падна на 30 годишен минимум, нејзината вредност во однос на доларот се намали за 8.26% за само 24 часа, а на еврото за 2.89%

„Ова е без преседан. Фунтата како да падна од карпа… Референдумот беше облак кој надвисна над економијата, а од утрово тој облак е уште потемен и потмурен“ објаснува Денис де Јонг, директор на платформата за тргување UFX.com

Ваков остар пад на цените на акциите не е забележан од 2008-та, кога почна глобалната финансиска криза по банкротот на американската банка „Лимен Брадрс“.

Домино ефект – од Британија преку Унијата до Македонија

Излегувањето на Велика Британија од Европската Унија нема да има директни последици за македонската економија, но индиректно ќе влијае преку потресите на светските берзи и пазари; коментираат економистите и бизнисмените. Според нив, главен проблем во иднина ќе биде воздржаноста од нови инвестиции, но и потешкото задолжување во странство.

„Македонија ја дели судбината на ЕУ и кога сериозен удар и е зададен на Унијата, тогаш тоа ќе ја погоди и нашата економија. Ако овој процес од Британија се преслика и на други делови од Европа, каде што веќе имаше најави, тоа е сериозен знак за стабилноста на Унијата. Сепак, сега од овој аспект може само да се потврди дека ќе следуваат потреси на финансиските пазари, на трговските врски, а неизвесноста ќе ги тишти и европската и нашата економија“ вели универзитетскиот професор Томе Неновски.

На иста линија е анализата и на универзитетскиот професор Марјан Петрески, тој вели дека евентуалното влијание би можело да биде само индиректно, доколку излегувањето на Велика Британија сериозно ја потресе самата Европска Унија, па притоа настрада нејзината економија и следствено нашата.

„Сепак мислам дека голем негативен ефект врз ЕУ од излегувањето на Обединетото Кралство е само теоретска можност, односно повеќе се користеше како аргумент во медиумската дебата за формирање јавно мислење против тоа излегување, а дека помалку е веројатно да се случи во реалноста“, објаснува Петрески.

И кај бизнисмените има загриженост, но велат дека е прерано да се прогнозира. Сепак, последици ќе има со оглед на тоа што Велика Британија е во топ три трговски партнери на Македонија, а има и значително присуство преку неколку странски инвестиции.

„Многу е важно какви се договорите за трговската размена на секоја од компаниите со оглед дека фунтата драматично е во опаѓање. Но и вредноста на еврото еве гледаме дека се намалува иако не драматично. Ќе беше катастрофа ако бевме закачени на фунтата, но вака, мислам дека последиците нема да бидат драматични“, коментира Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.

Македонска берза – мали последици бидејќи е мал играч

Иако индексите на светските берзи паднаа драматично, македонскиот МБИ10 се спушти за само 0.5%. Брокерите и аналитичарите не очекуваат сериозни потреси, велат македонската берза е мал играч и затоа ќе има мали последици.

„Во услови на безмалку замрен пазар на капитал и да има потоп во светски рамки кај нас ефектите би биле речиси никакви. Дефинитивно дека негативниот сентимент може да се почувствува но тоа би било лимитирано со оглед и на реалните ефекти што би ги почувствувала македонската економија. Мислам дека долгорочно позагрижувачки би биле политичките, а не економските импликации. Драмата на пазарите ќе заврши, тоа е перцепција на инвеститорите“, смета Андреј Пулејков берзански аналитичар и директор во „КБ Публикум инвест“.

Дали Брегзит може да удри по британските инвестиции?

Надлежните се категорични – излегувањето на Обединетото Кралство од обединетата Европа нема да има никакво влијание на британските инвестиции кои веќе се присутни во земјава.

„Фактот дека Македонија е најповолна земја за инвестиции, ние како Агенција за странски инвестиции на нашите инвеститори им гарантираме доволно стабилност за да можат да надминуваат секакви пречки во функционирањето во нашата земја и поради тоа излегувањето на Британија од ЕУ може да се одрази само во нивната економија, но не и кај нашите нови и веќе постоечки странски инвестиции, а најмалку во извозот“ тврди директорот на Агенција за странски инвестиции и поддршка на извозот, Висар Фида.

Сепак, новата состојба ќе значи и ново прилагодување – Македонија има континуиран тренд на зголемување на трговската соработка со Британија која од трет стана втор трговски партнер на земјава, веднаш зад Германија.

НБРМ: денарот останува стабилен и врзан за еврото

Курсот на денарот е де факто врзан за еврото и останува стабилен, во нашите банки има незначителни заштеди во британски фунти, така што некои особени последици не може да се очекуваат, велат од Народната Банка.

„Нашиот денар ќе остане стабилен, нема да има никакви промени во однос на еврото. Како еврото ќе се однесува во однос на другите светски валути останува да се види и ние ќе ја делиме таа судбина, но за мала економија како нашата е значајно да биде врзана за голема валутна зона како еврозоната особено што и најголемиот дел од трговијата го имаме со Унијата. Ниска инфлација и стабилен курс на денарот остануваат приоритети за НБРМ“ изјави гувернерот Димитар Богов на денешната собраниска комисија за финансирање и буџет.

Потешко издавање на еврообврзница

Еден од посериозните проблеми со кои може да се соочи Македонија е потешкиот пристап до меѓународните финансиски пазари. Издавањето на еврообврзница кое е се поизвесно ќе чини поскапо.

„Брегзит значи зголемување на аверзичноста кон ризик односно инвеститорите би биле помалку склони кон прифаќање на вложување на еврообврзници издадени од регионот, вклучително и Македонија“, вели Горан Марковски, главен извршен директор на „КБ Публикум Инвест“.

„Банките треба да направат концепција за своите позиции, освен за фунтата и за другите не евро валути, за да ги заштитат своите позиции, да влијаат и на компаниите, а трансакциите да бидат заштитени“ советува Емил Јакимов од Здружение на финансиски пазари, АЦИ Македонија.

Издавањето на нова еврообврзница, на мала врата, го најави новиот министер за финансии, Кирил Миновски, во интервју за државната информативна агенција (МИА).

„Влезот на странски капитал ќе придонесе за намалување на задолжувањето на домашен пазар, што ќе ја зголеми сумата за кредитирање и ќе поттикне инвестиции кај домашните фирми. Од друга страна ќе влијае и на зголемување на приватната потрошувачка. Сето тоа ќе резултира со раздвижување на економската активност и поголем економски раст“ вели Миновски во интервју за МИА.

Сепак, засега е неизвесно кога би биле преземени активности за издавање на еврообврзницата. Официјално Министерството за финансии само го истражувало пазарот и доколку се создадат поволни услови, би го презело тој чекор.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП