2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Патлиџан туризам“ – како да се заштеди на одмор во Грција?

„Патлиџан туризам“ – како да се заштеди на одмор во Грција?

patlidjan

„Патлиџан туризмот“ на удар – по ограничувањата за внес на храна, алкохол и цигари, најави за бран поскапувања во Грција. Одморот ова лето најверојатно ќе чини поскапо, но постојат многу начини да се намалат трошоците и да се заштеди…

Туристичката такса зголемена, аранжманите засега непроменети

Хотелите чинат од 15 евра по човек по ноќевање за три ѕвездички и од 20 евра за четири ѕвездички на Халкидики. На помалку познатите острови се нешто поскапи, а на поексклузивните Скијатос, Миконос и Крф и значително поскапи.

Цените на апартманите се пониски – почнуваат од 25 до 30 евра за една вечер на Халкидики и од 30 евра и нагоре за островите. Дел од агенциите во оваа сума нудат и бесплатен превоз.

Овие понуди важат за јули и август. За јуни и септември се поевтини и до 30 – 40%.

На 1 јуни беше зголемена туристичката такса во Грција, но туристичките агенции велат дека засега нема промени во крајните цени.

„Хотелите најверојатно ја апсорбираат во своите понуди оваа зголемена такса. Годинава можеме да бидеме среќни што се уште има актуелни промоции, попусти за рани резервации кои и се најбарани кај нашите клиенти“ велат во една туристичка агенција.

Зголемени даноци како најава за бран поскапувања

Освен туристичката такса, Грција на 1 јуни го зголеми и ДДВ-то од 23 на 24%, а корекции беа направени и на акцизите. Засега крајните цени не се драстично променети, но трговците се уште прават пресметки. Први на удар би биле бензините, алкохолот, струјата, интернетот, мобилната телефонија, такси и јавниот превоз, како и производите во маркетите особено цигарите, кафето и пакуваната храна.

Просечните цени во супермаркет во Грција засега се:

Леб – 0.7 до 1 евра

Млеко (1 литар) – 1.1 до 1.6 евра

Јајца (6) – 1 до 1.2 евра

Кечап – 3 до 4 евра

Мајонез – 3 до 4 евра

Сенф – 1 до 2 евра

Масло (1 литар) – 1,6 евра

Јогурт – 2 до 4 евра

Тестенини – 1 до 2 евра

Брашно (1 килограм) – 0,6 евра

Шеќер (1 килограм) – 1 евра

Фета сирење (1 килограм) – 5 до 7 евра

Кашкавал (200 грама) – 3 до 4 евра

Салама (1 килограм) – 7 до 16 евра

Домати (1 килограм) – 1,2 до 1,5 евра

Краставица (парче) – 0,5 до 0,6 евра

И цените во кафулињата и рестораните речиси се на исто ниво како лани. Секако тие зависат од локалот и неговата ексклузивност, но во просек се:

Гиро сендвич – 2 до 2,5 евра

Гиро порција – 5 до 7 евра

Суфлаки сендвич – 1,8 до 2,3 евра

Пица – 5 до 12 евра

Скара – 5 до 14 евра

Риба – 6 до 60 евра

Салати – 2 до 5 евра

Пиво – 2 до 4,5 евра

Сокови – 2 до 4,5 евра

Вино – 1,5 до 22 евра

Кафе – 1,7 до 4 евра

Коктели – 7 до 10 евра

Жестоки пијалаци – 2 до 6 евра

Цариниците имаат право да ви одземат храна, алкохол, цигари…

Од оваа година Грција почна построго да ги применува европските регулативи и ограничувања за внесување на храна, алкохол и цигари.

Досега ниту еден Македонец се нема пожалено дека му биле одземени производи на граница, но повеќе Срби останаа без содржината на нивните пикник – фрижидерчиња.

„Тргнавме на семеен одмор во Грција. На граница цариниците ни го запленија целиот рачен фрижидер каде имаше смрзнати пиперки и месо“, изјавил српски турист за тамошните медиуми.

Од нашите туристички агенции тврдат дека досега немало никакви проблеми со нивните патници.

„Немаме информации за такви случаи. Сите автобуски тури кои ние ги организираме без задржувања и без невообичаени контроли ги минуваат премините. И оние кои доаѓаат со сопствен автомобил а користат наши услуги досега не се пожалиле на проблеми од ваков вид“ велат од една скопска туристичка агенција која организира и по шест тури неделно кон Грција.

Сепак, европските регулативи постојат и Грција може да почне да ги применува секој момент. Тие предвидуваат внесување на најмногу 40 цигари или 50 грама тутун по човек, еден литар жесток пијалак со 22% алкохол или два литри со под 22%, 12 литри пиво и 4 литри вино, по два килограми храна за бебиња и за миленици и по пет килограми овошје и зеленчук. Храната мора да биде произведена во ЕУ и да биде вакуумирана.

Готовнината над 10.000 евра, исто така, треба да се пријави кај цариниците.

Заштеда и до 20 евра со резервоар наполнет во Македонија

Најголем дел од агенциите продаваат аранжмани со автобуски превоз а често тој го нудат и како гратис односно вклучен во цената.

Сепак, многумина се одлучуваат да заминат со сопствен автомобил, варијанта која чина малку поскапо но овозможува многу поголема мобилност.

За да возите во Грција задолжително ви е потребна меѓународна дозвола и зелен картон. Дозволата ја издава АМСМ и чини 950 денари.

Зелениот картон, кој важи една година или до истекот на регистрацијата, чини 3.690 денари за послаби возила и 5.536 денари за посилни.

Ако возилото не е на ваше име, односно сте го позајмиле од некого или, пак, ви е на лизинг, тогаш мора да имате и полномошно, кое чини 600 денари и важи една година.

Горивото е значително поевтино во Македонија, па затоа е препорачливо резервоарот да го напоните до врв пред да ја напуштите земјава. Грубите пресметки покажуваат дека на овој начин може да заштедите од 20 до 30 евра.

Литар безоловен во Грција, според податоците од АМСМ, чини 1.39 евро, а во Македонија 1.03, односно за да се наполни резервоар со 40 литри на грчка бензинска пумпа се потребни 55.6 евра, а на македонска 41.2 евра. Приближно истиот сооднос важи и за цените на дизелот и плинот.

Освен за гориво треба да се испланираат пари и за патарини и за траект, доколку одите на некој од островите. Патарините во еден правец од Скопје до Гевгелија чинат вкупно 180 денари, а во Грција околу 10-на евра, во зависност од крајната дестинација. Цените за траект драстично варираат, во зависност од локацијата, но најчесто се над 10 евра за автомобилот и над 3 евра за секој патник поединечно.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП