18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПолитика vs економија – последиците од кризата веќе се чувствуваат

Политика vs економија – последиците од кризата веќе се чувствуваат

dlo

Економијата веќе трпи последици од политиката. Оваа оценка ја делат и странските инвеститори и домашните бизнисмени, но и македонските и меѓународните финансиски институции – со пролонгирање на кризата негативните ефекти само ќе растат.

Совет на странски инвеститори: економијата веќе трпи

Странските инвеститори присутни во земјава сметаат дека економијата веќе трпи последици поради политиката – можно е одложување, па дури и откажување на веќе планираните инвестициски активности.

„Продолжената политичка криза негативно ќе има долгорочни последици на македонската економија. Ќе се одрази на бизнисите и крајниот раст на економијата… Но, ако политичкото опкружување се стабилизира побрзо, тогаш, не само што ќе привлече нови инвестиции, туку ќе им помогне и на сегашните, постојните, да ги прошират своите деловни активности. Затоа апелираме побрзо да се реши политичката криза“ вели Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

Токму политичката криза, но и правната несигурност и административните процедури се главните проблеми со кои се соочуваат странските инвеститори. Сепак, најголем дел од нив, гледано во целина се задоволни од бизнис климата, 84% повторно би инвестирале во Македонија. Ова го покажува најновото истражување на Стопанската комора на Македонија (СКМ) спроведено меѓу 118 членки на Советот на странски инвеститори.

СКМ: странските партнери веќе откажуваат нарачки

И домашните бизнисмени обединети во Стопанската комора на Македонија (СКМ) го делат ставот на нивните колеги од компаниите странски инвеститори. Засега единствен сектор кој бил поштеден од последици било градежништвото, а проблеми се јавиле кај преработувачката, металната и електроиндустријата. Дел од партнерите почнале да ги откажуваат нарачките.

„Се повеќе странски партнери претежно од  земјите на Европската унија и Блискиот Исток откажуваат соработка со македонските компании поради актуелната криза. Поради моментот дека можеби нашите компании нема да можат навремено и редовно да вршат испорака на договорените производи и услуги, затоа и не се одлучуваат да ја посетат земјата и да се финализираат оние договори што биле планирани“ смета Билјана Пеева – Ѓуриќ, директор во СКМ.

ССК: штетите допрва ќе се пресметуваат

Во Сојузот на стопански комори (ССК), пак, велат дека штетите се големи и допрва ќе се пресметуваат. Сепак, капиталните инвестиции преку инфраструктрните проекти засега отворале доволно работа за сите и го пополнувале вакуумот предизвикан од кризата, но тоа според бизнисмените од ССК не може да потрае и на долг рок.

„Овие капитални инфраструктурни проекти се нешто што има свој циклус, свој почеток и свој крај. Двигател на секоја економија се малите и средни претпријатија кои што ги движат работите некаде и до 90%. Тие имаат удел во целокупната економија на едно здраво општество кое што е поставено на нозе, каде што се стимулира растот и зголемувањето на стопанството и на здравите бизниси. Она кон кое треба да се цели е долгорочна стратегија за развој на приватниот сектор како двигател на економијата“, објаснува Данела Арсовска, Претседател на Сојузот на стопанските комори.

Народна Банка: кризата може да го преполови растот

НБРМ веќе изврши ревизија на макроекономските проекции. Монетарната власт анализите ги темели на две можни сценарија – алтернативно доколку продолжи политичката криза ќе резултира со раст на стопанството од само 1.6% и основно доколку кризата заврши брзо ќе значи раст од 3.5% како што беше и проектирано на почетокот од 2016-та.

„Продолжувањето на политичката криза до крајот на годината ќе го намали растот на македонската економија од предвидените 3.5 на 1.6%. Ќе се намали и потрошувачката, како и инвестициите, ќе дојде до забавена кредитна активност, помал извоз и намалување на девизните резерви. Како што стојат работите сега може да се покаже дека алтернативното сценарио е реално. Ризиците се присутни околу двете сценарија. Надворешниот амбиент, кој е ист и кај двете сценарија, е неизвесен и неповолен. Домашните политички ризици се особено изразени и тоа повеќе во алтернативното сценарио кое укажува на последиците од политичката нестабилност врз економијата“ објасни гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Светска банка: значително зголемени ризици

Последната проекција на Светска банка за Македонија е раст од 3.7%, но направена е во најновиот полугодишен кој ги зема предвид случувањата само до март. Од меѓународната финансиска институција за магазинот „Капитал“ објаснуваат дека надолните ризици се значително зголемени.

„Оваа проценка не ги зема предвид најновите политички случувања и зголемените надолни ризици за економијата. Нашето искуство покажува дека пролонгираната политичка криза има тенденција да остави економски последици. Неизвесности околу политичките потези делуваат на довербата и очекувањата на сите економски субјекти и според тоа влијаат на потрошувачката и одлуките за инвестирање“, оценуваат од Светска банка.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП