19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД ги отфрлаат „лажните толкувања“ на договорот TTIP со ЕУ

САД ги отфрлаат „лажните толкувања“ на договорот TTIP со ЕУ

сад-отфрли-ттип

САД ги отфрлија ноќта кон вторникот „лажните толкувања“ на документите кои протекоа во јавноста од тајните преговори со Европската унија за Трансатлантскиот трговски договор и инвестициско партнерство (Transatlantic Trade and Investment Partnership – TTIP), тврдејќи дека тој договор „нема да ги ослаби“ европските прописи за здравствената заштита, заштитата на правата и природната средина, како што произлегува од документите коишто во понеделникот на прес конференција во Берлин ги обелодени меѓународната еколошка организација Greenpeace.

„Толкувањата на тие документи во најмала рака се лажни, а во најлош случај се погрешни“, изјави портпаролот на Бирото за надворешна трговија на САД (USTR) кое преговара со Европската комисија.

Greenpeace во понеделникот ги објави тајните документи за преговорите, со кои според неа се потврдуваат стравувањата дека преговорите се водат на штета на правата на потрошувачите во Европската унија.

Особено, како што беше истакнато, Вашингтон се заканува дека ќе го намали увозот на автомобили од земјите од ЕУ, доколку Брисел не прифати да увезува повеќе американски земјоделски производи. Покрај тоа, САД искажале незадоволство и од политиката на Европскиот центар на потрошувачите, кој истапува против ширењето во Европа на генетски модифицираната храна и месото со хормони. Вашингтон бара забраната за таквите или други видови прехранбени продукти да важи само доколку нивната штетност е само научно докажана.

САД, исто така според документите, сакаат строго ограничување на влијанието на европското законодавството во врска со донесените економски одлуки. Невладините организации и синдикатите во ЕУ, договорот го критикуваат веќе со месеци, предупредувајќи дека ќе доведе до намалување на европските стандарди и ќе им овозможи на големите компании да ги оспоруваат националните закони на европските земји пред арбитражните судови.

„TTIP ќе ги зачува, а не ослаби нашите цврсти прописи за заштита на потрошувачите и природната средина и ќе ги стави САД и ЕУ во позиција да ги промовираат поцврстите прописи ширум светот“, тврди портпаролот на USTR во писмента изјава што ја цитира AFP.

Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама води трка со времето да го заврши договорот пред истекот на неговиот втор мандат во јануари следната година. Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест претходно изрази „голема загриженост од наводните протекувања“ на податоците за преговорите, а портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби изјави дека Вашингтон „и натаму верува дека договорот е можен до крајот на мандатот на Обама.

Кирби призна дека скептицизмот постои и од двете страни на Атлантикот, но и тврдеше дека „глобализацијата е стварност“.

Покрај негодувањата во земјите од ЕУ искажани со големи протесни собири низ европските престолнини, скептицизмот расте и во САД. Така, само 17 отсто Германци и 15 отсто Американци сметаат дека TTIP е „нешто добро“, наспроти повеќе до 50 проценти во 2014 година, според испитувањето на јавното мнение на фондацијата Bertelsmann, кое беше објавено пред десетина дена непосредно пред посетата на американскиот претседател Барак Обама на Хановер, каде што со челниците на главните членки на ЕУ ги промовираше споменатиот договор.

Европската комисија ги отфрли во понеделникот тврдењата на Greenpeace, преку комесарката за трговија Сесилија Малстром, која во напис на својот блог вели дека документите кои протекле ги одразуваат преговарачките ставови на ЕУ и на САД, не негирајќи ја нивната автентичности и веродостојност на содржината, а не се конечен договор, како и дека не чудно двете страни да имаат различни мислења.

Од јули 2013 година зад затворени врати ЕУ преговара за TTIP, а во 2015 година требаше да биде разработен а потоа за половина година да биде одобрен од Европскиот парламент и националните парламенти на земјите потписнички на овој договор. Неговата цел е создавање на најголемата зона на слободна трговија во светот, со пазар од околу 820 милиони потрошувачи. Покрај САД и земјите од ЕУ, во договорот се вклучени и Канада, Мексико, Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка и Исланд, како и земји кандидати за членство во Европската унија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП