26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтатистичарите оптимисти, бизнисмените песимисти – каде оди македонската економија?

Статистичарите оптимисти, бизнисмените песимисти – каде оди македонската економија?

mak

Статистиката измери раст на производството и на вработените во индустријата во првиот квартал од годинава, но бизнисмените се песимисти – најголем дел од нив велат дека допрва ќе почнат да се чувствуваат ефектите од политичката криза која добива на интензитет.

ДЗС:раст на индустријата од 10.7% во првиот квартал

Индустриското производство пораснало за 10.7% во првиот квартал од 2016-та во однос на истиот период од 2015-та. Растот во март достигнал 8.9%.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во првите три месеци од годинава најдобри резултати остварила преработувачката индустрија која била во плус од 13.9%, а кај капиталните производи односно кај превозните средства, машините, алатите, металните конструкции зголемувањето било 50.1%. Преработка на дрво и производи од дрво и плута била зголемена за дури 226%.

Намалување има кај секторите снабдување со електрична енергија и рударство и вадење камен од 7% односно 1.2%.

Според ДЗС освен производството расте и бројот на вработени во индустријата, но со побавно темпо. Во период јануари – март бројот на вработени се зголемил за 1.8%.

Најмногу нововработени има кај снабдувањето со електрична енергија , зголемување за 2.9%; преработувачката индустрија, зголемување од 1.8% особено во секторот капитални производи каде бројот на работници пораснал 19.2%.

СКМ: компаниите не можат да го наплатат сработеното

И покрај оптимистичките статистички податоци најголем дел од бизнисмените се песимисти. Велат, политичката криза дефинитивно влијае на економскиот раст, а тоа ќе биде поизразено кога ќе излезат бројките за април, месецот кога таа доби на интензитет.

Најизразен проблем во моментов е неликвидноста. Во истражувањето спроведено од Стопанската комора на Македонија (СКМ) 45% од околу 1.000 анкетирани менаџери се изјасниле дека не можат да си ги наплатат побарувањата, особено од државните институции. 37% посочиле дека веќе се откажуваат договорени посети од потенцијални странски партнери.

„Покрај тоа што има проблем со слаба наплата на побарувања и од домашни компании меѓутоа и од странски партнери, констатирано е дека скоро и да е оневозможена наплата од јавниот сектор. Во самата анкета се повикува на тоа да се почитуваат одредбите од Законот за финансиска дисциплина и фокусот повеќе да стави на јавниот сектор…Ако продолжи ваквата состојба најголеми проблеми би имале, металната и електро – индустријата, хемиската, текстилната, земјоделството и прехранбената индустрија“, објаснува Билјана Пеева – Ѓуриќ од Стопанска комора на Македонија (СКМ).

НБРМ: очекуваме економскиот раст да забави

И анализите на Народната Банка (НБРМ) посочуваат дека изразениот економски раст во првиот ќе забави во вториот квартал.

Гувернерот Димитар Богов објасни дека и економската теорија и праксата укажуваат дека во услови на висока политичка неизвесност инвеститорите ги одложуваат своите инвестициски одлуки, а потрошувачите се воздржуваат од поголеми трошења.

„Тоа ќе има негативно влијание врз реалниот сектор, а со тоа и врз економскиот раст. Првите три месеци сите краткорочни индикатори покажуваа забрзување на економскиот раст. Но, по последните случувања, веројатно, ќе дојде до негово забавување.Граѓаните и бизнисот да не подлегнуваат на шпекулации. Тие што ги шират шпекулациите за повлекување на депозитите и купување девизи целат кон нарушување на макроекономската стабилност. Нивната цел е да создадат повеќе незадоволни граѓани и повеќе банкротирани бизниси. Да не влегуваме во нивната замка. Курсот на денарот ќе остане стабилен. Банките ќе останат најсигурно место за штедење. Како што беше минатата година, како што беше во 2009 година, како што беше во 2001 година. Оние кои подлегнале на шпекулантите на крај ја броеле загубата“ вели гувернерот Димитар Богов.

МФ: без политичка криза економскиот раст ќе беше 5%

Во Министерството за финансии (МФ) сметаат дека македонската економија може да испорача раст од 4% до 5%, но и дека потенцијалот нема да биде искористен поради политичките случувања. Првиот човек на институцијата, Зоран Ставрески, вели дека кризата мора да има завршница, бидејќи и најјаката економија на светот не би можела да издржи долгогодишнипревирања.

„Се покажа дека фундаментите на македонската економија се добро поставени, главните економски политики се во корист на приватниот сектор… Домашните компании изминатиов период покажаа дека можат да се прилагодат на латентните состојби кои се случуваат на политички план, не само во земјава, туку и во регионот. Но, малите фирми се оние кои најмногу страдаат, бидејќи секогаш потешко стигнуваат до финансиски средства, дури и во нормални услови. Затоа е штета што добро поставените економски политики не можат целосно да резултираат со економскиот раст што Македонија има потенцијал да го оствари“ изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП