20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПолитика vs економија: дали е можна девалвација или инфлација?

Политика vs економија: дали е можна девалвација или инфлација?

jjj

Политичката криза добива на интензитет, а со тоа се зголемува и нејзиното влијание врз економијата. Се погласни се шпекулациите за можна девалвација или инфлација. Надлежните уверуваат – денарот е стабилен, банките ликвидни, а така ќе остане и во иднина.

НБРМ: денарот е и ќе остане стабилен

Денарот ќе остане стабилен и де факто врзан за еврото, вели првиот човек на Народната Банка (НБРМ). Според Димитар Богов механизмот за одржување рамнотежа на девизниот курс и стабилност на цените е добро поставен и не се можни големи отстапувања.

„Тоа се само шпекулации, целосно неосновани. Јас би им порачал на сите граѓани, на сите бизниси воопшто да не ги земаат за сериозно таквите шпекулации. Секој оној што го кажува тоа, или нема доволно информации или пак лаже“, вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Последната девалвација се случи во 97-та кога преку ноќ денарот изгуби повеќе од 16.1% од својата вредност – германската марка поскапи од 27 на 31 денар. Оттогаш земјава води политика на ниска инфлација и стабилен курс на денарот. Националната валута е врзана за еврото и тоа на позиција од 61, 5 денари за едно евро.

„Македонија 19 години има стабилен курс на денарот. Во овие 19 години бевме соочени и со многу поголеми предизвици од овие сега, така што укажавме дека Народната Банка има капацитети и може да испорача ценовна стабилност, стабилност на курсот на денарот и сигурност на банкарскиот систем. Така што не треба да има загриженост околу ова, не треба да се верува на шпекулациите. Значи инфлацијата во Македонија останува многу ниска, курсот на денарот останува стабилен, банките остануваат најсигурно место за штедење“, вели Богов.

Продолжува растот на депозитите и на кредитите

Надлежните уверуваат дека е стабилен и ликвиден и банкарскиот сектор. Продолжува умерениот раст и на кредитите и на допозитите. Тоа го потврдуваат и последните податоци на НБРМ за февруари според кои за една година просечниот Македонец се задолжил за дополнителни 109 евра. Кај банките во февруари имал вкупни позајмици од 959 евра, а во истиот месец лани од 850 евра.

Во овој период банките на граѓаните секој ден во просек им одобрувале по 619.000 евра нови кредити, со што вкупниот износ пораснал за речиси 226 милиони евра и надминал 1 милијарда и 985 милиони, покажуваат најновите податоци на Народната Банка (НБРМ).

Најголем дел од кредитите се во денари, нивната вкупна вредност изнесува 1 милијарда и 873 илјади евра. Кредитите во евра имаат вкупен износ од речиси 112 милиони евра.

Граѓаните многу почесто земаат долгорочни кредити, нивниот збир е речиси пет пати повисок од оној на краткорочните.

За една година сомнителните и спорни побарувања од домаќинствата односно нефункционалните кредити се намалиле за 2 милиона и 390 илјади евра до сума од нешто над 101 милион евра.

Паралелно со кредитите растат и депозитите, но со побавно темпо. За една година заштедите на домаќинствата кај банките и штедилниците пораснале за речиси 116 милиони евра и достигнале сума од 3 милијарди и 462 милиони или 1.673 евра по глава на жител.

Монетарната власт очекува секторот да остане стабилен, засега немало поголеми поместувања.

2015-та – одлична година за банкарскиот сектор

Дека секторот засега останува стабилен покажуваат и финансиските извештаи на банките објавени на Македонската берза според кои лани растеле и приходите и профитите и тоа со фантастично темпо. Најголемите имале уште поголеми добивки, а за најмалите по подолго време ги намалиле загубите. Сите заедно оствариле позитивно салдо од 75.4 милиони евра.

Лани најмногу заработила Стопанска банка, над 31 милион евра, а најголем раст на профитот остварила Комерцијална банка, дури 436%.

Гледано поединечно, лани профитот на Комерцијална банка пораснал за дури 436%. Заработката во 2015-та била 8.527.918 евра, а во 2014-та 1.591.203 евра. Остварен бил и раст на приходите. Приходите од камати достигнале 51.669.138 евра, а од провизии и надоместоци 14.890.650 евра.

НЛБ Тутунска банка годината ја заврши со добивка од 13.6 милиони евра.

Во истиот период Стопанска банка остварила раст на профитот од 26.7%. Заработката во 2015-та била 31.165.837 евра, а во 2014-та 24.590.943 евра. Остварен бил и раст на приходите. Приходите од камати достигнале 54.807.934 евра, а од провизии и надоместоци 15.204.894 евра.

Охридска банка имала зголемен профит за 72%. Заработката во 2015-та била 6.494.569 евра, а во 2014-та 3.776.373 евра. Растеле и приходите. Приходите од камати биле 16.114.308 евра, а од провизии и надоместоци 4.260.796 евра.

УНИ Банка го зголемила профитот за 20.4%. Во 2015-та заработката била 1.328.943 евра, а во 2014-та 1.103.707 евра. Пораснале и приходите. Од камати достигнале 8.233.430 евра, а од провизии и надоместоци 2.164.016 евра.

ТТК Банка имала раст на профитот од 27%. Во 2015-та достигнал 619.983 евра, а во 2014-та бил 488.211 евра. Зголемени биле и приходите. Приходите од камати биле 4.365.333 евра, а од надоместоци и провизии 2.540.975 евра.

Според податоците на Народната Банка (НБРМ) вкупната заработка на банкарскиот сектор минатата година достигнала 75.4 милиони евра. Профитот во 2015-та во однос на 2014-та бил поголем за речиси 50%.

Најдобро им одело на најголемите баки кои инкасирале 80% од вкупната добивка во секторот односно речиси 60 милиони евра.

Средните банки имале заработка од 16 милиони, а малите имале вкупна загуба од околу 200.000 евра што сепак е подобар резултат во однос на претходната година кога минусот бил речиси 1.5 милиони.

И НБРМ ги потврдува податоците од финансиските извештаи на комерцијалните банки – најголем дел од заработката доаѓа од камати, а помал од провизии и надоместоци.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП