27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЈовица Тасевски-Етернијан денес на Саемот на книгата

Јовица Тасевски-Етернијан денес на Саемот на книгата

јоцета

Денес вечер, на Саемот на книгата, на штандот на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, од 18 до 19 часот, сите љубители на поезијата ќе можат да остварат средба со Јовица Тасевски-Етернијан и да добијат посвета на поетскиот избор „Синтакса на светлината“ објавен како том 91 од капиталниот издавачки проект 135 тома „Македонска книжевност“, како и на други книги од авторот.

Јовица Тасевски–Етернијан е афирмиран македонски поет, книжевен критичар и есеист. Автор е на шест поетски книги, две книги со критики и есеи и има составено две антологии.

Негови песни се преведени на петнаесетина јазици и објавени се во списанија и антологии во над дваесет држави. За неговата поезија се напишани повеќе позитивни критички осврти и студии од македонски и странски автори. Во објавените прилози и осврти во странство за песните на Етернијан се истакнува дека „се карактеризираат со впечатлива сликовитост, иновативен израз и збиен јазик со преплетени значења, алузии и неочекувани конотации“ („Виндмилс“, Универзитет Диакин, Австралија), „исполнети се со инвентивни и импресивни поетски слики“ и се одликуваат со „интелектуална и духовна длабочина“ („Бук Тајмс“, САД), неговите дела имаат „митски квалитети на сакрален текст“ и „извираат од моќна поетска имагинација“ („Калина Ривју“, Велика Британија), се нагласува дека „поезијата на Етернијан е мистична, елиптична, повеќезначна и се карактеризира со раскошна, уникатна и впечатлива сликовитост, која произлегува од стремежот кон бескрајноста“ („Рекурс о поем“, Франција) и дека пристапот на Етернијан кон пишувањето поезија е „многу креативен, сложен, интелектуален и духовен, при што во неговите песни може да се најдат длабочина и целосност какви што ретко се сретнуваат денес“ (д-р Шаменаз Шеик, „Болоџи“, Индија).

Јовица Тасевски-Етернијан го има добиено интернационалното поетско признание „Восхитувачки поет“ што се доделува во Индија за исклучителен придонес во современата поезија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Британското поетско друштво, Светското поетско друштво и почесен член е Австралиското поетско друштво.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП