Предвидена е можност за 80 отсто поддршка од државата за системи капка по капка и ископ на нови бунари, воспоставување на систем за наводнување и соодветно дозирање на водата овозможува зголемување на приносите кај неколку култури и неколкупати, со што како што нагласи во понеделникот челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, продолжува огромната заложба за помош и поддршка за земјоделците.
Груевски притоа нагласи дека развојот на земјоделието е една од стратешките приоритети за владејачката партија. Потсети дека преку вложените напори на неговата влада, дијалог и контакти со земјоделците, како и реализација на голем број мерки, се создадани услови за егзистенција на многу земјоделски семејства, но вети и дека таквите заложби на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат.
„За таа цел, а во насока на подобро искористување на природните ресурси, предлагаме субвенционирање за воспоставување на алтернативни системи за наводнување и воспоставување на системи ‘капка по капка’. Целта на оваа мерка е зголемување на обработливите површини под систем за наводнување за подобрување на квалитетот и приносите на земјоделското производство. Право да конкурираат ќе имаат физички лица на кои земјоделството им е примарна дејност, регистрирани земјоделци за производство на раноградинарски производи или за овоштарство“, рече Груевски.
Се задржа и на земјоделски компании или земјоделски задруги, каде цел е набавка на опрема за воспоставување систем за наводнување на садници, одгледување на раноградинарски култури, овоштарство, или за наводнување на стакленичко или пластеничко производство. Преку мерката финансиски ќе бидат поддржани земјоделците и земјоделските стопанства за инсталирање модерни системи за наводнување, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски посочи дека процените покажуваат оти цените на чинењето на инсталациите за системот за наводнување „капка по капка“ за површина од еден хектар се: за овошен насад 105.797 денари, за лозов насад 114.422 денари и за систем за наводнување на житни култури 123.000 денари.
„Осумдесет отсто од средствата за реализација на наведените активности ќе бидат обезбедени преку државата. Ќе бидат обезбедени преку програмата за рурален развој на земјоделството, а остатокот од средствата ќе ги обезбеди корисникот. Максималната површина за која ќе се однесува поддршката ќе биде до 50 хектари“, прецизираше.
Што се однесува до ископот на бунари, просечната сума која е потребна за изградба изнесува околу 150 илјади денари, или околу 2,5 илјади евра на длабочина до 50 метри.
„Со ова, со оваа најнова мерка државата ќе покријат дури 80 отсто од парите кои ќе остануваат како заштеда за земјоделецот. Дополнително ќе бидат извршени и законски измени со кои ќе се олесни и поедностави постапката за добивање на водостопански дозволи за изградба на бунари“, потенцираше Груевски и додаде дека покрај овие заштеди, земјоделците ќе може да остварат зголемен принос, што значи екстра профит и заработувачка.
Оттаму, порача Груевски, потребна е масовна примена на системот „капка по капка“ и затоа државата, владата, ќе им излезе пресрет на земјоделците за да може што помасовно да биде искористена и употребена мерката, која треба да започне да се применува од јануари 2017 година.
„Апликациите ќе може да се доставуваат од октомври 2016 година и ќе се издвојуваат по минимум три милиона евра годишно, а по потреба износот ќе расте. Ова е важна можност за земјоделците. Современите системи за наводнување како што е системот „капка по капка“ овозможуваат поголем квалитет на производството и носат поголем принос“, истакна Груевски.