18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија предложи план за борба против даночните оази

Германија предложи план за борба против даночните оази

grmanija-panama

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојлбе ги претстави во неделата поединостите од планот за борба против таканаречените даночни оази, вклучително и создавање меѓународна мрежа на регистри со имињата на вистинските сопственици на компаниите.

Јавноста преку неочекуваниот увид во дел од документите на панамската адвокатска канцеларија „Mossack Fonseca“ дозна на кој начин офшор компаниите се користат за трупање на богатството на светските моќници. Германија уште во периодот на нејзиното претседавање со групата седум индустриски најразвиени земји во светот Г7 во периодот 2014/2015 година го прогласи за приоритет потесното меѓународно содејство на сузбивањето на даночната евазија.

Во неделата вечерта германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле за јавниот телевизиски сервис ARD рече дека меѓународното вмрежување на регистрите со имињата на вистинските сопственици на компаниите би го овозможило идентификувањето на сите лица кои се кријат зад офшор компаниите.

На ниво на Европската унија вмрежувањето на регистрите веќе е договорено во рамките на четвртата директива против перењето пари, коа земјите членки мора да ја спроведат во практиката до средината на следната 2017 година.

Шојбле потсети, исто така, на договорот за автоматска размена на информациите на кој во меѓувреме му пристапија стотина земји. Додаде дека скандалот Panama Papers го засилува притисокот на другите, вклучително и врз САД, да се придружат на договорот.

Агенцијата Reuters на увид го добила документот на германската влада со вкупно десет точки од планот на Шојбле, меѓу кои е и повикот до Панама и другите земји кои тоа уште не го сториле, да му пристапат на споменатиот договор за размена на даночните податоци.

Во документот е наведено дека Глобалниот форум на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) би требало да функционира како супервизор кој ќе се грижи а тоа земјите да ги разменуваат податоците и да изнаоѓаат поефикасни санкции за „некооперативните и заборавни“ меѓу нив.

Документот, исто така, покажува дека Шојбле посакува стандардизирање на ткн „црни листи“ на некооперативните даночни оази коишто ги продолжиле одредени земји или групи земји, под надзор на ОЕЦД или некоја слична меѓународна организација.

Германскиот министер за финансии смета и дека во случај на даночни престапи правото на застареност би требало да биде овозможено дури откако даночниот обврзник достави информации во согласност со неговите обврски.

Банкарските регулатори ширум Европа настојуваат да утврдат дали и во колкав обем банките се вмешани во скандалот со „панамските документи“, откако излегоа податоци дека околу стотина европски банки, меѓу нив и триесетина германски, за илјадници свои клиентибарале од панамската канцеларија правно содејство при отворањето на офшор компаниите на Британските Девствени острови.

Шојбле изјави дека германските банки „во голем дел веќе го извршиле големото чистење“. „Остваривме голем напредок изминатите години“, рече германскиот министер за финансии. Во документот на германската влада се наведува и дека „не е задача на банките да ги поттикнуваат клиентите на агресивно заобиколување на даночните обврски“. Се додава дека банките кои нудат програми за штедење на даноците за тоа би требало да ги известат даночните власти.

Потребни се построги административни мерки за да може компаниите да бидат повикани на одговорност, имајќи предвид дека ефикасното гонење на малверзациите често го оневозможуваат тешкотии при докажувањето на пропустите на поединци. Изминатите години се заострени прописите за сузбивањето на перењето пари во германскиот финансиски систем, а сега треба да се постигне истото и во комерцијалниот сектор, се додава во документот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП