19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКога последен пат сте виделе банкнота од 5.000 денари? Наскоро нови од...

Кога последен пат сте виделе банкнота од 5.000 денари? Наскоро нови од 2.000!

tema 90

Банкнотите од 5.000 денари речиси и ги нема, а Народната Банка најавува воведување на нови со апоени од 200 и од 2.000. Колку вкупно денари има во оптек? Која е најчестата и најкористената пара? Каде завршуваат оштетените банкноти и монети и зошто не постојат деноминации од 3 или од 35 денари, евра, јени…

Кога последен пат сте виделе банкнота од 5.000 денари?

tema 91

Обичниот човек можеби и има заборавено дека постои банкнота од 5.000 денари. Ова не е ни чудно ако се земе предвид дека во оптек има само 60.886 парчиња чија вкупна вредност изнесува 304.430.000 денари. Ова го покажуваат податоците на Народната Банка (НБРМ) заклучно со крајот на минатата година.

Според истите податоци најчеста банкнота во земјава е десет денарката, има над 27 милиони парчиња. На второ место е илјада денарката со над 23 милиони парчиња, па стотката со над 14 милиони, петстотката со 10 милиони и педесет денарката со нешто под 4 милиони парчиња.

Кај монетите, најбројни се оние од еден денар, над 88 милиони, од два денари има 57 милиони парчиња, од 5 денари 33 милиони, од 10 денари 25 милиони и од 50 денари 6 милиони.

Кај вредноста од 50 денари, Народната Банка во оптек има пуштено повеќе монети од банкноти односно има над 6 милиони ковани педесет денарки и речиси 4 милиони отпечатени.

Кај вредноста од 10 денари соодносот е речиси ист, 27 милиони печатени и 25 милиони ковани.

Во извештајот на НБРМ стои и дека во оптек се уште има 3.941.198 монети од половина денар односно од 50 дени, но тие официјално беа повлечени на 1 јануари 2013-та.

Овие монети и претходно беа ректи, нивното првото издание од 1993-та од едната страна имаше стилизирано 16-крако сонце, а од другата галеб во лет.

Вкупната сума на сите пари во оптек, ковани и печатени изнесува 31 милијарда 950 милиони и 962 илјади денари односно 519 милиони и 527 илјади евра.

Сепак, вкупната количина на денари е поголема, овде влегуваат само реалните отпечатени пари, а не и електронските кои постојат на банкарските сметки.

Наскоро нови банкноти од 200 и од 2.000 денари

tema 933

НБРМ воведува нови банкноти, од 200 и од 2.000 денари. Тие ќе почнат да се печатат наскоро, а веќе на крајот на оваа или на почетокот на наредната година ќе бидат пуштени во промет. Народната Банка (НБРМ) ги привршува подготовките за воведување на новите апоени од македонскиот денар. Ќе бидат испечатени по 10 милиони парчиња од двете вредности.

tema 92

„Избрана е печатарска компанија со која веќе е потпишан договор. Банкнотите ќе бидат соодветно заштитени. Согласно досегашната динамика, се очекува новите банкноти да бидат пуштени во оптек кон крајот на 2016 година или почетокот на 2017 година, по донесувањето на соодветна одлука за пуштање во оптек. Воведувањето на новите апоени е резултат на спроведени сеопфатни анализи врз основа на кои е утврдено дека со новите банкноти во апоени од 2.000 и 200 денари ќе се изврши ребалансирање на постојната апоенска структура и ќе се ублажи разликата која постои во моментов меѓу две последователни деноминации“ велат од НБРМ.

tema 94

Дизајнот за новите банкноти беше избран пред повеќе од една година преку јавниот конкурс што го спроведе Народната Банка. Двесте денарката од едната страна ќе има релјеф со виничките теракотни икони, а од другата елементи од челната фасада на Шарената џамија во Тетово. Две илјадарката од едната страна ќе има македонска невестинска носија од Прилепско Поле, а на другата  декорација од внатрешна страна на позлатен сад.

tema 95

Автор на идејното решение е графичкиот дизајнер Ласко Џуровски.

tema 96

„Решенијата се инспирирани од пребогатата ризница на македонското културно богатство, согласно со пропозициите на конкурсот со кои се бараше од авторите своите решенија да ги вклопат во постојниот дизајн на банкнотите во оптек“, објаснуваше Џуровски по завршувањето на конкурост.

Парите ќе се печатат на специјална хартија во бела боја, со вграден воден печат, заштитна испрекината нитка со впишан текст НБРМ, видливи и невидливи влакна кои рефлектираат во жолта, сина и зелена боја под дејство на ултравиолетови зраци, како и зајакнати рабови против физички оштетувања.

Народната банка печати нови за да ги замени оштетените пари

tema 97

Секоја година милиони оштетени банкноти завршуваат во машините за уништување на НБРМ. Тие се заменуваат со нови, свежо отпечатени.

Најчесто страдаат десет денарките и педесет денарките, па затоа почнаа да се заменуваат со монети односно ковани и потрајни пари.

Граѓаните што имаат оштетени банкноти можат да ги заменат во која било деловна банка, а тие потоа се префрлаат во Народната банка која ги заменува.

Најголем дел од банките наплаќаат провизија за замена на оштетени банкноти. Провизијата се утврдува на самото место и се зависи од процената, односно колку е уништена банкнотата. Најчесто изнесува од 5 до 10% од вредноста на оштетената банкнота што се заменува.

За оштетени пари се сметаат книжните пари на кои преостаната површина изнесува повеќе од 60 отсто и имаат барем една неоштетена (видлива) нумеричка ознака (сериски број на банкнотата).

Од Народната банка не даваат информација колку банкноти годишно од се уништуваат, тој податок бил класифициран и не претставувал информација од јавен карактер.

Јавно објавените информации од пред неколку години укажуваат дека годишно се уништувале и над 20 милиони банкноти, кои биле неупотребливи поради изабеност, излижаност и излитеност. Само во периодот 1996 до 2005 година биле уништени 140 милиони банкноти од македонскиот денар.

Замената на оштетените банкноти е регулирана во Законот за Народната банка.

„Народната банка може да одбие да замени книжни и ковани пари ако нивниот дизајн е оштетен, разобличен или перфориран или ако повеќе од 40 отсто од нивната површина недостасува. Овие книжни и ковани пари се повлекуваат или уништуваат без надоместок за сопственикот, освен ако постои доказ дека деловите што недостасуваат се целосно уништени, па тогаш Народната банка одобрува целосен или делумен надоместок. Народната банка не дава надоместок за книжни или ковани пари што се изгубени, украдени или целосно уништени. А може да конфискува без надоместок книжни или ковани пари чиј надворешен изглед е сменет, особено книжни или ковани пари на кои е пишувано, кои се боени, на кои има печати или перфорации или кои се премачкани со леплива материја“, пишува во законот.

Зошто не постојат банкноти од 35 или од 40 денари или евра?

tema 98

Апоените односно вредноста на банкнотите и монетите се речиси универзални за сите валути односно за сите парични системи. Тие најчесто се поделени по принципот 1, 2, 5, 10, 20, 50, 100, 500 денари, евра, долари, јени. Никогаш нема банкнота од 3, 35 или од 70 денари, евра, долари, јени.

За ова постојат повеќе објаснувања, но најчестото е дека одговорот се наоѓа во самата човечка природа односно биологија. Се тврди дека причината за тој начин на деноминирање е генетската предодреденост на луѓето да размислуваат или во еднина или во двоина. Тоа значи дека на умот му е најлесно да размислува или како за нешто цело, или како за две работи. При тоа, тука може да се додаде и размислување во половини, оти две половини се едно цело. И затоа, вели теоријата, народните банки ширум светот, за да не ги мачат граѓаните кои ќе ги користат нивните монети и банкноти, ги деноминирале парите врз тој принцип. Па така, прво биле измислени парите кои најпросто се собираат и одземаат, т.е. оние кои имаат единица на почетокот и натаму само нули, како на пример еден денар, десет денари, сто денари, илјада денари (или франци, евра, фунти, јени). Потоа, се додадени нивните удвојувања, па имало два евра, дваесет евра, двеста лири, драхми и јени. Па, потоа се измислени половините, па се добиени од десет денари на половина – пет денари, од сто денари на пола – педесет денари, па од илјада преполовени е петстотка и слично кај сите парични единици ширум светот. И затоа нема паричка од четири евра. Иако таа во принцип е удвоена паричка од две евра, тоа не помага, затоа што таа паричка веќе е удвоена од едно евро и човечкиот ум многу тешко се снаоѓа со двојни удвојувања. Затоа и нема банкнота од дваесет и пет евра, оти тоа е половина од половина од сто евра, а дупло преполовување не е баш лесна задача за умот на просечниот човек.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП