19 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложбата „Видео уметност и уметност базирана на време” во ФЛУ

Изложбата „Видео уметност и уметност базирана на време” во ФЛУ

vide3

Изложба на видео дела и видео инсталации, ќе биде отворена во вторник, во 20 часот во галеријата на Факултетот за ликовни уметности при Педагошкиот факултет, во Скопје.

Учесници се Димитри Балојани, Воскресија Андреевска, Александра Ацеска, Јасмина Трпевска, Наташа Неделкова, Игор Стаменковиќ, Христина Мазневска, Петар Миљковиќ, Игор Таневски, Рада Велеска, Горјан Стојчев, Владан Петрушевиќ и Надица Толевска.

На изложбата ќе бидат презентирани дванаесет дела (видео дела и видео инсталации), резултат од проектот “Видео уметност и уметност базирана на време”. Проектот се реализираше во текот на 2015 година, со учество на студенти од Катедрата по сликарство, а под менторство на доц. Слободанка Стевческа. Финансиски е поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Проектот „Видео уметност и уметност базирана на време” се фокусираше на практиките во современата уметност кои го вклучуваат времето како значаен елемент и/или се документирани (или продуцирани) со видео камера: видео уметност, перформанс, видео перформанс, акција, видео инсталација…

Веќе неколку децении ликовната уметност ги освојува подрачјата и териториите кои претходно не биле нејзини. Така, во еден значаен дел, таа апроприира и апсорбира искуства од театарот, филмот, архитектурата, науката, социјалните практики, филозофијата, итн. Од тука, се појавува потребата за запознавање на идните млади автори со појавите и практиките кои го напуштаат класичниот пристап на творење во атеље.

Проектот се реализираше во вид на интерактивна работилница од повеќе сесии, каде беа анализирани дела, автори и појави поврзани со видео уметноста, видео перформансот и уметноста која го вклучува времето како клучен фактор.

Дел од темите и содржините кои беа опфатени со овие сесии се: Почетоци на видео уметноста, услови и контекст; Атељето и телото како инспирација и тема; Перформанси и акции документирани со филмска или видео камера; Теми поврзани со стереотипи и женското прашање; Концептуална уметност, автореферентност и прашања поврзани со системот на уметноста и мотивите и процесот на творење; Визуелни и технички истражувања во видео уметноста; Автори кои го користат сопственото тело како израз или медиум и/или автори со ангажиран и критички пристап; итн.

Во склоп на овие сесии, презентации и предавања одржаа професори од Факултетот за ликовни уметности: доц. Слободанка Стевческа, вонр. проф. Жанета Вангели, ред. проф. Антони Мазневски, како и Доријан Јовановиќ и двајца надворешни гости, ликовните уметници Јован Балов и Никола Узуновски. На една од сесиите беше презентирана и дискутирана изложбата „Looking At Nothing (Desire In The Future)“ курирана од Дејан Буѓевац, а со завршувањето на изложбата ќе се оддржат средби, со презентации и дискусии наменети за студентите на ФЛУ, со историчарот на уметност, Владимир Јанчевски, и ликовниот уметник, Никола Узуновски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП