28 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочина славната архитектка Заха Хадид

Почина славната архитектка Заха Хадид

zaka

Меѓународно признатата ирачко-британска архитектка Зака Хадид, првата жена којашто ја доби наградата Прицкер, позната во професионалните кругови како „кралица на деструктивизмот“ чии дела може да се сретнат речиси по целиот свет од Америка до Азија, почина во четвртокот во Мајами , објави ирачката државна телевизија.

За Заха Хадид колегите велат дека работејќи на своите проекти, таа едноставно не создавала зданија, туку ги впишувала во пејзажот, исполнувајќи ги своите креации со смила и мултифункционалност.

„’Заха Хадид Архитектс’ со голема тага потврдува дека Заха Хадид почина ненадејно во Мајами… На почетокот од седмицата се зарази со бронхитис и додека се лекуваше во болницата е погодена од срцев удар“, соопшти компанијата.

Заха Хадид е првата жена добитничка на таканаречената “Нобелова награда за архитектура“, наградата Прицкер, осмислувајќи бројни зданија ширум светот, меѓу кои се Националниот музеј на современа уметност MAXXI во Рим, Центарот Розентал за современа уметност во Синсинати, Риверсајд Музеум во Глазгов. Ги проектираше и зградите на Операта во Ганжу, Центарот Хајдар Алиев во Баку, скијачката скокалница Бергисел и жичницата во Инсбрук, Централната зграда на BMW во Лајпциг, павилјонот мост во Сарагоса, Политехничкиот факултет во Хонгконг и многу други.

„Со голема тага ја примив веста за смртта на Заха Хадид, беше вдахновение и нејзината оставина живее во прекрасните згради во Стратфорд и ширум светот“, напиша на Twitter градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон, пренесува Reuters.

Хадид го проектираше комплексот базени Лондон Акватикс Сентр, изградени за Олимписките игри во 2012 година.

Родена 1950 година во ирачката престолнина Багдад, Заха Хадид во почетокот студирала математика на Американскиот универзитет во Бејрут, а потоа се решила за архитектура во Лондон, каде дипломирала во 1977 година.

Прва жена, исто така, е којашто е наградена со реномираната Златна медала за архитектура 2016-та, која пред неа ја добиле славни архитекти како Жан Нувел, Френк Гехри и Оскар Нјемахер, потсетува агенцијата AFP.

Победила, во два наврата, на конкурсот за архитектура Стирлинг, првиот пат во 2010 година со проектот на римскиот музеј MAXXI, а и веќе следната 2011 година за Евелин Грејс Академи во Лондон.

Откако го креираше комплексот на олимписките базени во Лондон, Заха Хадид требаше да ја надзира и изградбата на олимпискиот стадион за Игрите во Токио во 2020 година, но од нејзиниот проект властите на јапонската престолнина се откажаа оценувајќи го како прескап.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП