7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААвио линии: Oд сега од Скопје до Берлин, Братислава и Копенхаген, од...

Авио линии: Oд сега од Скопје до Берлин, Братислава и Копенхаген, од кога до Њујорк и Торонто?

aerodrom-aleksandar-veliki_6

Воведени директни летови од македонската до уште три европски метрополи, раст на бројот на патници, но тапкање во место во процедурата за формирање национален авио превозник и најавите за директно поврзување до Северна Америка. Каде лета македонскиот авио бизнис?

Директни летови од македонската до уште три европски метрополи

viz skop

Од Скопје до Берлин, Братислава и Копенхаген два пати неделно. WizzAir официјално ги воведе веќе најавените 3 нови дестинации со што вкупниот број на директни поврзувања се искачи на 23.

„Очекувам оваа бројка дополнително да се зголемува за што потврда ни даваат и податоците за првите два месеца од годинава со раст од 28 проценти на бројот на превезени патници“ вели министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Откако пред четири години WizzAir влезе во Македонија продаде два милиони билети, а само од почетокот на годинава превезе над 100.000 патници. Субвенциите ќе продолжат зашто даваат резултати, велат од Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВП).

„Воведувањето на субвенции за одредени авиокомпании преку транспарентна и континуирана постапка овозможи да ги имаме сите овие дестинации. Со новиот ред на летање имаме и нови дестинации. Сето тоа не влијае само на туризмот и зголемувањето на бројот на посетители туку и на бизнис индустријата. Едно од прашањата е колку брзо матичните компании ќе можат да комуницираат со своите претставништва овде. Растот на авиобизнисот помага и за поттикнување на туризмот и за привлекување на инвеститори“, изјави неодамна директорот на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВП), Горан Јандреоски.

Според официјалните податоци на концесионерот ТАВ во првите два месеца од годинава преку двата македонски аеродрома биле превезени 219.378 патника што е пораст од 28% во однос на истиот период лани. Бројот на полетувањата и слетувањата бил зголемен за 15%. Минатата година беше остварен раст од 22%.

WizzAir е обврзан да вработува Македонци

viz skop1

Дел од договорот за субвенционирање на WizzAir предвидува и вработување македонски кадри. Досега се вработени 75 луѓе на различни позиции, а во тек се и обуки за 4 пилоти за управување со AirBus A320, единствениот тип на авион во флотата на нискобуџетната компанија.

„Трошоците за обуката, односно за стекнување соодветна дозвола на почеток се на товар на компанијата. По обуката откако пилотите ќе се вработат во компанијата трошоците ќе се одбиваат од нивната плата во период од 30 месеци. По три години вработените пилоти ќе можат да си повратат 50% од овие трошоци. Досега во оваа програма успешно се обучуваат четворица македонски пилоти“ вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисјаловски.

Деталите за формирање национален авиопревозник деловна тајна

viz skop2

И додека продолжуваат субвенциите за нискотарифните летови постапката за формирање на национален авиопревозниксе уште тапка во место. Пред една година беше избрана холандската Inter VISTAS Consulting B.V која изработи физибилити студија за можноста за воспоставување редовен авиопревозник. Резултатите се готови, но остануваат тајна.

„Податоците од извештајот се од доверлив карактер. Можам да кажам само дека онаа компанија што ќе пројави интерес може да ги добие, но со потпишување на писмо за доверливост. Ние не сме застанале со процесот, но бараме соодветен партнер“, вели директорот на АЦВП, Горан Јандреоски.

Консултантот освен да изработи физибилити студија беше обврзан и да анимира реномирани странски авиокомпании во пронаоѓање интерес да станат македонски национален авиопревозник, но и да ја советува македонската Влада во текот на целата постапка. Од АЦВП не откриваат повеќе детали за овој процес.

Мали чекори кон директна линија од Скопје до Њујорк или до Торонто

viz skop3

Се шири мрежата на директни врски со европските метрополи, но далечните дестинации засега остануваат недостижни.

Инфраструктура и правна рамка има, но докази за економска исплатливост нема. Директна конекција од македонската метропола до некој од американските центри беше најавувана уште веднаш по отворањето на новиот аеродром „Александар Велики“ во 2011-та, но оттогаш речиси ништо не е направено во оваа насока.

„Во однос на директни летови од Македонија кон Северна Америка, темата е долго дебатирана и дискутирана. Се уште нема релевантни докази за одржливоста на таква линија. Канада би била поверојатна дестинација од Соединетите Држави бидејќи таму има поголема концентрација на Македонци. Сепак, се уште нема доволно аргументи за почнување постапка“, објаснува директорот на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВП), Горан Јандреоски.

Македонија и Соединетите Држави уште пред три и пол години потпишаа спогодба за воздушен сообраќај. Тогаш беше објаснето дека таа ќе отвори можност и за воведување директни линии. Оттогаш многу малку е направено во таа насока.

„Неодамна имавме контакти со FDA, американската институција одговорна за надзор на воздухопловството, со нивната канцеларија задолжена за Балканот која се наоѓа во Москва. Сакаат да помогнат во подготовките, доколку се јави интерес ние да бидеме подготвени да можеме да направиме инспекција на авиокомпанија која евентуално би оперирала. Тоа е сепак некаков поттик бидејќи преговараме за таква соработка“, вели Јандреоски.

Србија веќе го направи сето ова. AirSerbia ќе лета директно од Белград до Њујорк. Почнувајќи од 23 јуни српскиот национален авиопревозник ќе оперира на оваа линија пет пати неделно. Билетите во пред продажба се 399 евра, а редовните цени ќе бидат меѓу 500 и 600 евра, во зависност од интересот.

Македонските воздухопловни власти се скептични дека оваа конекција и тоа со пет лета во неделата може да биде рентабилна.

„Србија лани го мина процесот на акредитација, AirSerbia веќе го направи тоа. Врз основа на направените анализи беше дозволен летот. Сепак, останува да видиме дали тој ќе биде одржлив“, изјави Јандреоски.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП